Свет
20. јуни 2016 - 14:30

Германски политичари преку руски медиуми бараат подобри односи со Москва

Неколку денови откако германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнамер го обвини НАТО дека со распоредување на воени единици на источната граница со Русија провоцира воен конфликт, уште двајца германски влијателни политичари побараа подобрување на односите со официјална Москва, јави дописникот на МИА од Берлин.

Лидерката на третата по рејтинг германската партија „Алтернатива за Германија“ (АФД) Фрауке Петри во интервју за телевизијата „Русија денес“ изјави дека наместо да биде третирана како непријател, Русија треба да биде приоритетен партнер за Германија.

Фрауке, која по три години од формирањето со антиисламска и антибегалска политика ја доведе партијата до околу 15 отсто рејтинг на федерално ниво, смета дека Русија не е непријател туку „предизвик“, а политиката на оцрнување на Москва не е од корист за Германија.

Петри се согласува со оценките на министерот Штајнмаер дека распоредување НАТО сили на западната руска граница не може да помогне за релаксирање на односите со Москва, поради што од Меркел и од германските граѓани бара да се запре ваквата стратегија и Германија да биде сила која ќе балансира меѓу западот и Москва. Во исто време според АФД, која според дел од германските медиуми е продукт на Москва, треба да запрат санкциите против Русија кои што и носата економска штета на Германија.

Вториот влијателен германски политичар Волфганг Ишингер, кој преку руски медиуми испраќа пораки за смирување на тензиите со Русија, е првиот човек на влијателната Минхенска безбедносна конференција кој вели дека односите меѓу Берлин и Москва се позагадени од ерата на Студената војна. 

- За време на Студената војна дијалогот се водеше за моќта и безбедносната политика, денес ми се чини дека дијалогот е позагаден од порано. Тоа е разочарувачки затоа што мнозинството Германци во последната деценија како благодарност за обединувањето станаа поддржувачи на Русија. Сето тоа е уништено со актуелната пропаганда, изјавил Ишингер за интернет порталот „Спутник“.

Според Ишингер, кој секој февруари е домаќин на Минхенската безбедносна конференција на која се собираат највлијателните светски политички фактори и на која односите со Русија се редовна тема за дебата, смета дека на Германија и е потребна „силна и напредна Русија со која ќе може да се води плодно партнерство.

Изјавите на Петри и Ишингер за медиуми поддржани од Кремљ, со кои се бараат подобри односи со Русија, не предизвикуваат голем интерес кај најмоќните германски информативни програми и весници.