Бизнис
11. January 2017 - 13:56

Германската Влада ги изедначува платите на мажите и жените

Германската Федерална влада на денешната седница во Берлин одобри пакет законски мерки со кои се обезбедува мажите и жените да примаат иста плата за вршење на идентични работни задачи.

Како што јави дописникот на МИА од Берлин, според предлог законот, кој треба да биде усвоен во Бундестагот, работниците во компании со 200 или повеќе вработени имаат законско право да добијат информација врз основа на кои критериуми добиваат плата, односно тие ќе можат да видат дали нивните колеги од спротивниот пол кои вршат исти задачи имаат поголеми или помали плати.

- Одредувањето на платата веќе не е црна кутија, изјави денеска миниситерката за жени и семејство Мануела Швесих, според која, сега вработените можат да тужат ако фирмите не докажат дека платите за сите вработени се фер.

Согласно новите правила, фирмите со над 500 вработени ќе бидат обврзани редовно да известуваат за напорите за обезбедување еднаква плата за сите.

Според статистичките показатели, германските жени имаат за 21 отсто помали плати од мажите генерално, како и за околу седум проценти помали примања од нивните колеги со кои вршат исти работни задачи.