Loading Video...
Свет
18. September 2020 - 16:55

Германската амбасадорка: Билатералните спорови не треба да бидат дел од преговорите

Берлин со студен туш за уценувачкиот меморандум на Софија. Билатералните проблеми не треба да бидат дел од преговарачката рамка, е ставот на Германија, која е актуелен претседавач со ЕУ.  Германската амбасадорка во земјава, Анке Холштајн порача дека во суштински интерес на Бугарија е да не се блокира овој процес.

„Ние и според моите сознанија сите други земји членки се на мислење дека билатерални проблеми не треба да се ставаат во преговарачката рамка и дека билатералните проблеми треба да се решаваат билатерално. Бугарија секогаш беше голем поддржувач на европското придвижување на регионот, вклучувајќи ја и Северна Македонија. Во суштински интерес на Бугарија е да не се блокира процесот за проширување на Европската Унија во овој регион“, истакна амбасадорката Холштајн во интервјуто за Слободна Европа.

Таа очекува првата Меѓувладина конференција да се одржи во декември како што е планирано, веднаш откако  ке биде усогласена преговарачката рамка во Советот на ЕУ.

Премиерот Заев е оптимист дека проблемот ќе се реши на билатерално ниво во согласност со Договорот за добрососедство, без задирање во идентитетските прашања.

Во меѓувреме, пратеникот од редовите на ВМРО ДПМНЕ Антонио Милошоски побара од МНР да испрати информација до Собранието во врска со бугарскиот меморандум и да се отвори комисиска расправа за истиот.

Во документот кој пред два дена Софија го испрати до земјите членки на ЕУ се бара поддршка за бугарските позиции во однос на македонскиот идентитет и јазик, со забелешка дека земјите-кандидати не треба да внесуваат отворени спорови во Унијата.