Македонија
20. May 2021 - 14:01

Германска донација на брзи антигенски ковид тестови за јавното здравство

Донација од 72.000 брзи антигенски ковид тестови во вредност од 298 илјади евра, наменети за јавните здравствени установи и ковид центри во земјава, денеска му предаде германската амбасадорка во земјава Анке Холштајн на министерот за здравство Венко Филипче.

-Среќна сум што денеска предавам уште една донација за македонското јавно здравство, финансирана од Министерството  за надворешни работи на Германија преку Организацијата за помош и заштита од катастрофи. Германија од почетокот на пандемијата го поддржа здравствениот сектор на Македонија со околу 1,45 милиони евра, изјави Холштајн по предавањето на донацијата.

Нагласи дека Германија е и коосновач на платформата за снабдување со вакцини и нејзин најголем донатор со 2,1 милијарди евра и додаде дека Ковакс снабдува 142 земји со вакцини против Ковид-19 од кои многу ги добиваат бесплатно.

-При тоа  секое петто евро доаѓа од Германија, а секое трето евро од Европската Унија. Нашата цел е сите во светот да може да ја добијат потребната вакцина бидејќи ние сме безбедни  дури тогаш кога сите ќе бидат безбедни, истакна Холштајн.

Министерот Филипче рече дека денешната донација е уште еден чекор напред во, како што кажа, континуираната соработка во изминатите повеќе години што е значајно интензивирана од почетокот на ковид кризата.

-Во изминатата година Германија преку Амбасадата донираше значајна количина на лична заштитна опрема, респираторни машини, специјални заштитни маски и сега брзи антигенски тестови, изјави Филипче и на амбасадорката Холштајн и се заблагодари за ангажманот.

Преку меѓусебната комуникација, додаде, многу често укажувавме што ни е потребно и секогаш кога  имаше можности ни излегуваа во пресрет.

-Сега разговараме за следните чекори на соработка, веројатно некоја форма која Германија ја иницира на ниво на Европската Унија, а тоа е соработка во време на пандемија во која  ќе бидат вклучени сите аспекти на оваа криза од делот  на заштита, лекови, стратегија во однос на пристапот и вакцините, потенцира Филипче.