Свет
14. July 2016 - 15:27

Германија сомничава за новата британска влада

Изборот на Борис Џонсон за шеф на дипломатијата на новата влада во Лондон предизвика реакции и во Германија на луѓе кои не се согласуваат со проценката на канцеларката Ангела Меркел, која изборот на премиерката Тереза Меј го смета за надежен затоа што таа беше против излезот на Велика Британија од ЕУ.

Заменикот лидер на германските социјал - Ралф Штегнер смета дека Меј се покажала како слаб лидер со оглед на изборот на членовите на нејзиниот кабинет.

„Борис Џонсон се чини дека не е голем дипломат а сега тој ќе преговара за излегувањето на земјата од ЕУ. Пријатно патување“, вели Штегнер, според кого ЕУ ја очекуваат тешки и мачни преговори со Лондон.

И научната јавност со остри критики за составот на британската влада. 
„Како може Меј да зборува за национално единство во нејзиниот инаугурален говор и потоа да именува министер за надворешни работи којшто ја подели земјата“ , прашува Денис Шновер претседателот на еден од водечките тинк - тенкови во Германија , „Институтот за светска економија“ од Кил.

Во својата пишана изјава за германските медиуми Шновер прашува дали европските политичари препознаваат колку опасно, речиси лудо е да се интегрираат популистички измамници во владата, пренесува дописникот на МИА од Берлин.

За магазинот „ Дер Шпигел“ Борис Џонсон е „трговец со змиско масло и „Неодговорен уметник за измами кој водел измамничка кампања“ а за конзервативниот „Де Велт“ Џонсон во новата влада на Велика Британија ќе има улога да го прави тоа што најдобро знае - да ги шармира луѓето, да прави шоу и да ја рекламира Британија. Сепак и за „Ди Велт“ поставувањето на Џонсон за шеф на дипломатија е сериозен проблем затоа што тој „нема дипломатски манири и не може да му се верува дека ќе ги почитува договорите што ќе ги постигне“.

„Министерот за надворешни работи Борис Џонсон познат како - Неодговорниот кој што го предизвика хаосот нема да го расчисти полесно тоа што го остави зад себе“ , заклучува уредникот на Журналот за меѓународна политика од Берлин, Силке Темпел кој смета дека именувањето на Џонсон е многу повеќе од битка за моќ меѓу британската елита и тоа може да донесе само лоши вести.

И покрај барањето на канцеларката Меркел и други членови на германската влада, новиот кабинет во Лондон најави дека активирањето на членот 50 од договорот со ЕУ нема да се случи веднаш, туку дури тогаш кога Велика Британија ќе биде подготвена за тоа.