Македонија
6. јуни 2016 - 14:27

Германија со втор обид да ја стави Македонија како „безбедносно прашање“ на Советот за надворешни работи на ЕУ

Сојузна Република Германија прави втор обид Република Македонија, за првпат откако во 2005 година стана земја-кандидат за членство во Европската унија, наместо на Советот за општи работи да биде тема на дискусија на Советот за надворешни работи на ЕУ во очи на овомесечниот Самитот на Европскиот совет, јави дописникот на МИА од Брисел.
 
Поради политичката криза што повеќе од година и пол ја тресе државата, германскиот министер за надворешни работи Франк-Волтер Штајнмаер прави уште еден обид за Македонија да се најде пред шефовите на европските дипломатии како „безбедносно прашање“ и покрај тоа што некои ЕУ-земји се противат на истото поради тоа што не постојат безбедносни закани од македонската држава.
 
Како што е познато, на 23-ти минатиот месец, Германија со поддршка на Велика Британија имаше неуспешен обид да се дискутира за Македонија под точка „разно“ на Советот за надворешни работи на Унијата. На крајот на состанокот на т.н. ФАК (Foreign Affairs Council), токму германскиот министер Штајнмаер отсуствуваше, како и државниот секретар во нивното МНР, Михаел Рот (двајцата од германската Социјал-демократска партија) отсуствуваа, па Федерика Могерини која претседава со ФАК како висок претставник на Унијата за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, ја одложи дискусијата за Македонија.
 
Шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто, по завршувањето на минатомесечниот Совет за надворешни работи на Унијата во изјава за МИА потврди дека дискусијата за Македонија е одложена за 20 јуни поради тоа што оние што барале за неа да се дискутира, Германија и Велика Британија, не биле присутни на крајот на состанокот преку своите министри и затоа Федерика Могерини, Висока претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, ја одложила дискусијата за македонските случувања.
 
- Прашањето за Македонија не беше на агендата, бидејќи Могерини рече дека министрите што побараа за оваа точка да биде на агендата не се присутни во моментот. Затоа оваа дискусија ја одложивме за следниот состанок, ни реше Високата претставничка. Секретарот за надворешни работи на Британија, Фил Хамонд беше тука, но замина и не беше присутен кога требаше да се разговара за последната точка „разно“ на агендата. А, Германија ја претставуваше државниот министер Михаел Рот. Затоа Могерини побара за одложување на оваа точка од агендата, а тоа е на 20 јуни, односно за еден месец од сега, потенцираше Сијарто во изјава за МИА.
 
Но, сега е сигурно дека т.н. ФАК на ЕУ нема да се одржи на 20 јуни, бидејќи Самитот на Европскиот совет е одложен и ќе се одржи на 28 и 29 јуни (вторник и среда) и за првпат еден Самит на шефовите на државите и Владите на земјите-членки на ЕУ нема да се одржи во четврток и петок поради референдумот за излез на Велика Британија од Европската унија што на Островот ќе се одржи на 23-ти овој месец. Она што е сигурно е дека овој Совет за надворешни работи ќе се одржи во Луксембург, со тоа што како можни датуми на одржување се 27 и 24 јуни.
 
Она што е сигурно е дека доколку под точка „разно“ се одржи дискусија на министрите за надворешни работи на ЕУ-земјите за Република Македонија, тогаш нема да се носат заклучоци, туку само некаков вид препораки, а шпекулациите за можно покренување на некаков вид санкции кон поединци од Македонија се отфрлени поради тоа што во Унијата нема консензус за такво нешто што според правилата мора да постои за да се донесе таква сериозна одлука.