Свет
2. November 2020 - 8:38

Германија: Новиот карантин ќе ја чини економијата 19,3 милијарди евра

Новите мерки за карантин, што стапуваат на сила во Германија ќе ја чинат економијата на државата околу 19,3 милијарди евра, објави весникот „Велт ам Зонтаг“, повикувајќи се на пресметки на берлинскиот Институт за економски истражувања (DIW).

Според предвидувањата на DIW, угостителите може да загубат најмногу во текот на едномесечното затворање – околу 5,8 милијарди евра. Индустријата за забава, спортските и културните институции ќе изгубат 2,1 милијарди евра, трговијата – 1,3, а индустријата 5,2 милијарди евра.

Се очекуваат загуби и во услужниот и во логистичкиот сектор.

DIW е убеден, сепак, дека германската економија ќе почне да се опоравува следната година, но само под услов ефекасна контрола на ширењето на новиот коронавирус.

Германската Влада е подготвена да врати значителен дел од очекуваниот промет за ноември. За помалите компании, со најмногу 50 вработени, државата ќе обештети 50 проценти, а за поголемите 70 проценти од прометот.