Свет
13. July 2016 - 15:24

Германија ја презентираше новата одбранбена стратегија

Германското Mинiстерство за одбрана денеска го презентираше својот нов долгорочен план за одбрана и безбедносни политики. Планот кој се случува по „Брекзит“ и самитот на НАТО во Полска е објавен една деценија од последниот ваков документ подготвен од владата во Берлин и во него се предвидува постепено зголемување на одбранбената улога на Германија во рамки на НАТО и ЕУ.

„Германија се повеќе се гледа како главен фактор во Европа“, пишува во таканаречената „Бела Книга за безбедносни прашања“ според која земјата е подготвена да преземе одговорност и да помогне да се пресретнат сегашниот и идните безбедносни и хуманитарни предизвици, јавува дописникот на МИА од Берлин. Според планот кој деенска е одобрен од федералната влада во Берлин, Германија има одговорност активно да помага во моделирањето на светскиот поредок што е драматична промена во односот на земјата кон меѓународната безбедност.

Планот на министерството за одбрана потенцира дека Германија ќе реагира во согласност со своите трансатлански партенри и европски рамки. Пред одобрување на планот од страна на владата критики за делови од него дојдоа од коалиционите партнери на ЦДУ на канцеларката Меркел од редовите на социјалдемократите. Според Рајнер Арнолд портпарол на СПД одговорен за одбранбени прашања во делот на финансирањето на предвидените активности планот е лошо подготвен. Паралелно со новата одбранбена стратегија на Германија, германската армија во наредниве 5 години според плановите на владата треба да добие поголем буџет за модернизирање на воената техника и оружје.

Германија со децении по втората светска војна се сметаше за економски џин и „политичко џуџе“ кое што поради својата нацистичка историја долго време не сакаше да испраќа свои војници во меѓународните конфликти. Се до 1994 година согласно одлуката на Уставниот суд ниеден германски војни не смееше да биде дел од меѓународни мисии.

Во моментов германски трупи се ангажирани на Балканот, Авганистан и Мали а како единици за логистичка поддршка германски војници се ангажирани во борбата со Исламската држава во Сирија и Ирак.