Свет
21. July 2021 - 8:35

Германија: Итна помош од околу 400 милиони евра за поплавените региони

 Една недела откако Германија беше погодена од огромни поплави, Владата во Берлин денеска планира да додели итна помош во вредност од неколку стотици милиони евра за поплавените региони.

Како што пренесува ДПА, целта е да се санираат најтешко оштетените згради и општинската инфраструктура, што ќе трае долг временски период.
 
Најпогодени од поплавите се западните покраини Северна Рајна Вестфалија и Рајнска област-Пфалц.

Вкупната сума за помош изнесува околу 400 милиони евра, од кои половина треба да ги одвои федералната Влада, а половина ќе бидат обврска на германските покраини.

Предвиден е и фонд за реконструкција, но неговиот износ ќе биде познат откако во следните недели ќе биде точно утврдена колкава е штетата.

Федералната влада планира да се откаже од трошоците за спасувачките операции од страна на германската Федерална полиција, Федералната агенција за техничко олеснување (THW) и агенциите за цивилна заштита.