Свет
30. September 2015 - 13:39

Германија го преведува својот устав на aрапски јазик

Соочена со наплив на бегалци чиј број до крајот на годината може да се искачи на еден милион Германија се обидува побрзо да ги интегрира во новата средина. За таа цел германските власти веќе ги превеле и отпечатиле првите 20 членови од федералниот устав на арапски јазик. Во нив се содржани основните човекови права и обврски на граѓаните како слобода на говор.

Во изјава за весникот Билд, заменикот канцелар и министер за економија Зигмар Габриел вели дека бегалците се добре дојдени но дека тие мора да направат напор да се вклопат во новата средина.

„Луѓето кои што пристигнуваат овде не само што треба да го научат германскиот јазик туку мора да ги научат да живеат заедно со други луѓе“, изјави Габриел кој е убеден дека првите членови на германскиот устав е тоа што ја обликува германската култура. „Никој не е натеран кога ќе дојде во Германија да ја смени религијата да го промени приватниот живот. Но за нашата култура е важно приннципот на демократското општество да биде применет на сите“, изјавил Габриел. 
Според Габриел бегалците кои што пристигнуваат во Германија ќе мора да ги прифатат основните западни демократски принципи како поделба на државата и религиозните институции, еднакви права за мажите и жените, правата на хомосексуалците и правото на изразување како и казнувањето на антисемитизмот.

Досега на арапски јазик се преведени и отпечатени 10 илјади копии на германскиот устав кој се дистрибуирани во центрите за бегалци во Германија.