Свет
3. December 2020 - 9:06

Германија ги продолжи ограничувањата поради пандемијата до 10 јануари

Германската канцеларка Ангела Меркел и лидерите на федералните држави одлучија до јануари да ги продолжат ограничувањата воведени поради пандемијата на Ковид-19.

Меркел рече дека Германија е сè уште многу далеку од својата цел, а тоа е бројот на заразени на 100.000 жители да го намали на 50.

Во Германија во моментов во сила е забрана за работа на ресторани, кафулиња и спортски сали, како и ограничувања на личните контакти. Овие мерки ќе важат до 10 јануари, иако е договорено некои ограничувања да бидат ублажени за време на Божиќ.

Германската канцеларка исто така изрази доверба во постапката за проценка на вакцините со цел издавање на одобрение за ставање во промет спроведена од Европската агенција за лекови.

Агенцијата соопшти дека ќе се состане на 29 декември за да го разгледа барањето поднесено од компаниите Фајзер и Бионтек, чија вакцина вчера доби дозвола за употреба во Велика Британија.