Свет
11. December 2015 - 17:33

Германец ќе ги координира европските разузнавачи

Еден од најпознатите германски разузнавачи Герхард Конрад е назначен за контрола на координацијата меѓу европските разузнавачки агенции, пренесуваат денеска дел од германските медиуми. 
 
Конрад кој  сега работи во германската амбасада во Лондон предходно бил шеф на секторот за странство во БНД каде што работи од обединувањето на Германија. Зборува неколку светски јазици меѓу нив и Арапски без германски акцент. Формално како дипломат бил активен и во амбасадите на Германија во Дамаск и Бејрут. 
Конрад кој има 61 година  во одсуство на единствена Европска разузнавачка агенција од страна на ЕУ претставничката за заедничка надворешна и безбеднона политика Федерика Могерини е именуван за шеф на Центарот за разузнавачки анализи и ситуации (ИНТЦЕН)  во Брисел. Тој ќе предводи тим од 70 агенти од сите членки на ЕУ од кои се очекува да ја подобрат меѓусебната координацијата која придонесе да не бидат превенирани нападите во Париз и другите безбедносни закани со кои се соочува унијата. 
Конрад во разузнавачките кругови го добил името „Г -нот Хезболах“ (или „Г-нот Хамас“) поради наводната блискост што ја имал со радикалното движење со седиште во Либан. Тој во 2009 бил преговарач меѓу Израел и Хезбола во процесот на враќање на телата на двајца израелски резервисти во замена за ослободување на 5 членови на Хезболах. Поширока популарност добил во 2011 година кога издејствува замена на израелски војници за повеќе од 1000 палестински затвореници.
Израелските медиуми тврдат дека Конрад имал повеќе симпатии и во други случаи на преговори со  организацијата Хамас блиска на Техеран со кој Германија има блиски трговски и економски односи. Од друга страна Хамас остро го критикувал Конрад за блискост со позициите на Израел. 
За своите активности на Блискиот исток Конрад од владата во Берлин добил федерален орден за заслуги а тој поради своите успешни посредувања во странство важи за еден од најпочитуваните Германци.