Бизнис
23. May 2019 - 19:16

Герешхајмер официјално ќе инвестира десетици милиони евра и ќе вработи 400 лица

Германски Герешхајмер инвестира неколку десетици милиони евра во земјава. Новиот странски инвеститор потпиша договор за закуп на 14 хектари земјиште во Бунарџик. Менаџментот очекува фабриката да се изгради до крајот на годинава, а на почетокот ќе вработат 400-тини лица. Ова е прва од планираните 5 инвестициски фази.

“Се работи за високоплатени работни позиции бидејќи ќе се вработуваат главно инженери и на почетокот бројката на вработени ќе изнесува околу 400. Јас верувам во плановите за раст на германската компанија и се надевам дека ќе имаме капацитет да го следиме нивниот раст, со цел бројот на вработени да стане многу поголем”, вели Александар Младеновски, директор на ТИРЗ.

Инвеститорот е од фармацевствата индустрија и во земјава ќе произведува апликатори за инсулин, инхалатори за астма и друга амбалажа за потребите на медицината.

“Одлучивме да инвестираме во земјава главно поради 3 причини. Имаме соработка со млади луѓе кои се подготвени да работат напорно, што е основата за раст на секоја компанија. Друга причина е добрата инфраструктура, што е изненадувачко. А како трето, но не и најмалку важно, е подготвеноста за непрекинатата поддршка од страна на Владата за сите прашања што ги имаме”, вели Оливер Бергел, потпретседател на Герешхајмер за глобални операции, набавки и квалитет.

Германски Герешхајмер поседува 50 фабрики во 15 држави ширум светот. Има 10.000 вработени и остварува околу 1,3 милијарди евра промет.