Македонија
2. April 2019 - 20:24

Георгиески: Започна раздолжувањето на Општина Охрид

Советот на општина Охрид на денешната седница го усвои извештајот за вкупниот договорен износ по доверители за финансирање на доспеани, а неплатени обврски на Општина Охрид.

Вршителот на должноста градоначалник Константин Георгиески во изјавата за медиумите истакна дека со тоа започнува процесот за раздолжување на општината.

-Денеска е голем ден за општина Охрид и нејзините граѓани. По макотрпна и посветена работа, со помош на Владата почнуваме со реализација на процесот на раздолжување на општината, нејзина финансиска консолидација и почеток на нов развоен циклус. Со донесување на одлуката за усвојување на извештајот за вкупниот договорен износ по доверители за финансирање на доспеани, а неплатени обврски на на денешната седница на Советот, општина Охрид ќе го намали вкупниот долг за 948.023.989 денари или за 15.400.000 евра од кои 495.679.436 денари се средства согласно Законот за финансиска поддршка обезбедени од Владата на Република Северна Македонија, 260 милиони денари по основ отпис на камати и 192.344.553 денари средства кои ќе ги обезбедиме во наредниов период од основниот буџет по основ на склучување спогодби со доверителите, рече Георгиески.

Тој истакна дека вкупниот долг ќе се сведе на ниво од 530 милиони денари со што општината ќе го подобри кредитниот рејтинг, а сето тоа ќе се овозможи полесно задолжување на пред домашните и странските финансиски институции и банки, како и полесен пристап до европските фондови.

В.д. градоначалникот додаде дека крајната цел е во наредните две година, по две децении, сметката на општината да биде одблокирана.

Согласно Законот за финансиска подршка на единиците на локална самоуправа и единките корисници од областа на образованието Општина Охрид доби од Владата 495.277.521 денари за финансирање на 51 отсто од пријавените доспеани, а неплатени обврски заклучно со 30 септември минатата година. Општина Охрид согласно законот распиша Јавен повик за пријавување на доспеаните а неплатени обврски кон доверителите заклучно со посочениот датум, при што на повикот со цел спогодбено утврдување на долгот, се пријавиле повеќе од сто доверители.

– Приоритет при исплата на доспеаните, а неплатени обврски имаат доверителите со кои спогодбено е постигнато целосно откажување на каматата односно намалување на главницата. Со 35 доверители е постигнато целосно откажување од каматата. По завршување на процесот на преговарање успеавме да оствариме заштеда односно намалувањето на долгот на општината само по основ на камати од 260 милиони денари до денот на донесување на одлуката, што ми дава за право да кажам дека имавме успешен процес на преговарање, рече Георгиески.