Македонија
17. May 2017 - 20:11

Генералниот секретар на НАТО го поздрави политичкиот напредок во Скопје

Откако во име на Еворпската унија, денешното доделување на мандат за формирање влада на претседателот на СДСМ Зоран Заев попладнево го поздравија високата претставничка Федерика Могерини и еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, со соопштение со честитки за потегот на македонскиот претседател Ѓорге Иванов се јави и Северно-атлантската алијанса.

 
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг го нарече „чекор во вистинска насока“ потегот на Иванов и исто како и Могерини и Хан, побара брзо формирање на новата влада на Република Македонија.
 
- Ја поздравувам одлуката на претседателот Иванов да му даде мандат на парламентарното мнозинство на господинот Заев за формирање на нова влада. Ова е чекор во вистинската насока и нешто што е правилно направено. Охрабрувам брзо формирање на новата влада, навремено потврдено гласање во Парламентот и конструктивен став на сите партиии. Тоа е важно за земјата да започне да се фокусира на своите итно потребни реформи. Апелирам до сите оние кои се заинтересирани да продолжат со напорите за унапредување на евро-атлантските аспирации на земјата, порача Јенс Столтенберг.