Свет
8. April 2018 - 21:59

Генералниот секретар на ОН е длабоко загрижен од информациите за нов хемиски напад во Сирија

 Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш изрази загриженост од тврдењата за употреба на хемиско оружје против цивили во Дума во близина на Дамаск, соопшти неговиот портпарол Стефан Дижарик.

- Дури и ако ОН не е во можност да ги провери овие информации, генералниот секретар нагласува дека секоја употреба на хемиско оружје, ако тоа се потврди, е одвратно и треба да биде темелно истражено, се вели во соопштение на Дижарик.

Гутереш изрази и голема загриженост од интензивираното насилство во Дума во последните 36 часа, по период на релативен мир, и ги повика сите страни да запрат со борбите и да се вратат кон мир, се додава во соопштението.

Обвинувањата дека сириската армија користела хемиско оружје во напад врз градот Дума, каде е забарикадирана последната група бунтовници од Источна Гута, се нов заговор против Башар Асад, соопшти денеска иранското Министерство за надворешни работи.

Според Техеран, кој го поддржува официјален Дамаск, „таквите тврдења и обвинувања од страна на Американците и некои западни земји се знак за нов заговор против сириската Влада и сирискиот народ и претекст за воени дејствија, кои сигурно уште повеќе ќе ја усложнат ситуацијата во земјата и регионот“.

Американскиот претседател Доналд Трамп го осуди наводниот хемиски напад во Сирија и наведе дека сирискиот претседател Башар ал Асад ќе плати „висока цена“ за тоа.

Трамп додаде дека „во безумниот хемиски напад“ има многу загинати, вклучувајќи жени и деца.

Тој на Твитер го обвини и рускиот претседател Владимир Путин, како и Иран поради поддршката за, како што наведе, „животното Асад“.

Во исто време, руското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека наводите за хемискиот напад во Сирија се лажни и оти секоја воена акција која би била преземена врз основа на така „измислени и исфабрикувани изговори“ би можела да доведе до тешки последици.

- Ширењето лажни приказни за употреба на хлорин и други отровни материи од страна на сириските владини сили продолжува. Вчера се појави уште една таква исфабрикувана информација за наводен хемиски напад во Дума, наведе руското МНР во соопштение.

- Ние неодамна повеќе пати предупредувавме на такви опасни провокации. Целта на таквите лажни шпекулации, отсуството на каква било основа претставува заштита на терористите... како и обид за правдање на евентуална надворешна употреба на сила, се додава во соопштението.

Најмалку 70 лица се убиени во наводен напад со хемиско оружје на градот кој е под контрола на бунтовниците во Сирија, Дума, соопштија спасувачки организации и лекари, додека сириската Влада наводите за овој напад ги нарече „измислици“, јави Би-Би-Си.

Други светски агенции јавија дека боројот на загинати е околу 40 жртви.

Би-Би-Си нагласува дека за сега никој независно не ги потврдил наводите за напад со хемиско оружје.

Неколку групи за набљудување, активисти и доктори изнесоа наводи за напад со хемиско оружје, но бројките не се поклопуваат и се уште не е јасно што точно се случило, нагласува Би-Би-Си.

Медиумскиот центар на источна Гута, каде што се наоѓа Дума, тврди дека се убиени повеќе од 75 луѓе, и оти повеќе од 1.000 се погодени од последиците на наводниот напад.

Според центарот, хеликоптер фрлил буре-бомба во кое имало нервен гас сарин.