Свет
20. јуни 2019 - 13:47

Генерал Салами: Испративме јасна порака до САД

Командантот на иранската Револуционерна гарда, генерал Хусеин Салами изјави дека соборувањето на американско беспилотно летало е јасна порака до САД, истакнувајќи оти границите на Иран се „црвена линија“. Тој додаде дека Иран на одлучен начин ќе одговори на која било странска агресија. Нашите граници се нашата црвена линија.

Иран ќе одговори на секој вид на странска агресија, а нашата реакција ќе биде апсолутна, одлучна и јасна, посочи генерал Салами. Гардата утрово објави дека собори дрон во јужниот дел на Иран бидејќи беспилотното летало го наруши иранскиот воздушен простор. Иранските медиуми претходно објавија дека иранските воздухопловни сили собориле беспилотно летало „Глобал хок“ во провинцијата Хормозган. Портпаролот на Централната команда на вооружените сили на САД, Бил Урбан изјави дека „немало беспилотни летала над иранска територија. Но, неименуван американски претставник изјави дека е соборен дрон во меѓународниот воздушен простор на Ормуски Теснец. Според него соборено е дрон на американската морнарица.

Тензиите помеѓу Вашингтон и Техеран подолго време се зголемуваат, а почнаа минатата година со одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да ги повлече САД од нуклеарниот договор со кој се ограничува иранското производство на ураниум и воведе нови санкции кон Техеран. Односите помеѓу САД  и Иран дополнително се влошија откако на 13 јуни во Омански Залив експлодираа еден јапонски и еден норвешки танкер. САД за нападите го обвини Иран, а Техеран демантираше каква било вмешаност во инцидентот.

Иран во понеделникот објави дека наскоро ќе ја надмине границата на иранските резерви на збогатен ураниум, одредена со Договорот од 2015 година, чија цел беше ограничување на иранските нуклеарни капацитети. Официјален Техеран во мај им даде рок од 60 дена, кој истекува на 8 јули, на останатите земји потписнички на мултилатералниот договор, да ја заштитат иранската економија од американските санкции. Техеран во вторникот  објави дека во следните десет дена ќе ги зголеми резервите на ураниум, кои се одредени со Договорот од 2015 година, чија цел беше ограничување на иранските нуклеарни капацитети.

Иран соопшти дека има потреба од збогатен ураниум до 20 отсто, што е само еден чекор од нивото доволно за изработка на нуклеарно оружје. Техеран веќе четирикратно го зголеми производството на збогатен ураниум, тврдејќи дека тоа е „врз основа на потребите на земјата“.

Трамп, во интервју за „Тајм“ објавено во вторникот, изјави дека е подготвен да преземе воена акција со цел да го спречи Техеран да изработи нуклеарна бомба, но не наведе дали ќе одобри користење на сила за заштита на резервите на нафта во Персиски Залив.

Пентагон синоќа објави дека најновото распоредување на дополнителни 1.000 американски војници на Блиски Исток ќе вклучува и ракети Патриот, набљудувачко летало со екипаж и без пилот и други средства за одвраќање. – САД не сакаат судир со Иран, но ние сме распоредени и подготвени да ги браниме американските сили и интереси во регионот, се наведува во соопштението од Пентагон. Во Персискиот Залив веќе се распоредени носачот на авиони УСС Абрахам Линколн, бомбардери Б-52, како и амфибискиот брод УСС Арлингтон.