Бизнис
23. September 2017 - 13:07

Гелова Стојанова: Владата на СДС, Заев, Тевдовски се најцрната точка во економијата во Македонија

СДС и Зоран Заев со својата расипничка политика ја водат државата кон целосен економски колапс и банкрот. Неспособноста на СДС и Тевдовски создаваат вистински хаос во економијата. Тевдовски преку обелоденување на договорите со странските инвеститори од државата свесно сака да ги избрка и да затвори илјадници работни места, истакна на денешната прес-конференција Соња Гелова Стојанова од ВМРО-ДПМНЕ.

-Потенцијалните странски инвеститори, кои во идниот период планираа влез во Македонија ќе ги пренасочат своите инвестиции кон некоја од соседните држави со некоја поповолна бизнис клима затоа што СДС со лошата политика која што ја спроведува веќе 3 ипол месеци ги демотивира истите. Владата на СДС, Заев, Тевдовски се најцрната точка во економијата во Македонија, истакна Гелова Стојанова.

Таа вели дека поради катастрофалната политика која ја спроведува владата на Заев и министерот Тевдовски се доведе до пад на индустриското производство за 12%, односно пад на прометот во индустријата за 0.7%, пад на просечната нето плата и пад на извозот за 2.2%.

-Граѓаните на сопствената кожа ја почувствуваа неодговорноста и негрижата на СДС и Заев. СДС ги задолжи граѓаните и државата за нови над 250 милиони евра, а од државните резерви СДС безмилосно стопи цели 177 милиони евра. СДС со секој нов чекор ја покажува негрижата и неодговорноста кон граѓаните. Економските политики на владата доживуваат фијаско. Со ова СДС и Заев ќе го забрза крахот на македонската економија, зголемување на невработеноста и затворање на работни места, со што неизбежен е пад на животниот стандард на граѓаните, потенцираше Гелова Стојанова.

Таа истакна дека на локалните избори на 15-ти октомври граѓаните ќе стават крај и ќе го казнат недомаќинското работење на СДС и Заев.