Свет
25. December 2020 - 14:48

Гебрејесус: Жртвите од 2020 да не бидат залудни

Жртвите направени за да ги заштитат луѓето за време на пандемијата на коронавирусот не треба да станат залудни за време на празниците, изјави шефот на Светската здравствена организација Тедрос Аданом Гебрејесус во божиќната порака.

Милиони поднесоа „срцепарателни жртви“ со тоа што останаа разделени од најблиските на Божиќ за да останат безбедни, рече Тедрос во видео објавено доцна синоќа на Твитер.

Тој додаде дека вакцините, кои сега се користат во земјите ширум светот, почнуваат да даваат излез од кризата што го зафати светот оваа година.

– Како што привршува 2020 година, пандемијата со историски размери спречува многумина од нас да славиме на начините на кои би сакале, рече Тедрос.

– Наместо тоа, стотици милиони луѓе денес прават големи, срцепарателни жртви со тоа што остануваат одвоени за да останат безбедни. Но, притоа тие ги даваат најскапоцените подароци: даровите на животот и здравјето, нагласи шефот на СЗО.

– Во целиот свет, во текот на овие најтешки години, одново и одново гледаме дека толку многу луѓе се жртвуваат за да го заштитат и зачуваат животот, рече Тедрос.

– Нивните жртви не смеат да бидат залудни, ниту на оние што ги оставија семејствата кои ќе седат на семејните трпези без познати лица за време на празниците. И покрај толку многу загуби, ние сме исполнети со голема надеж. Вакцините му нудат на светот излез од оваа трагедија. Но, ќе биде потребно време целиот свет да се вакцинира, додаде шефот на СЗО.

Според СЗО, 61 вакцина влегле во фаза на испитување врз луѓе, од кои 16 се во последната фаза на масовно тестирање.

Новиот коронавирус уби најмалку 1,7 милиони луѓе од почетокот на пандемијата минатиот декември, а регистрирани се речиси 78,7 милиони случаи.