Бизнис
29. July 2020 - 16:47

Газди кои земале државна помош барале вработените да им ја вратат исплатената плата

Кривична одговорност и затворски казни за газдите кои добиле државна помош, а парите наместо кај работниците, си ги ставиле в џеб, побара претседатетот на Синдикатот Димовски. Не требаат апели и опомени, потребни се санкции и јавно објавување на фирмите кои зеле субвенции, а не им дале плати на вработените. Реакцијата на синдикалниот лидер доаѓа откако УЈП вчера објави дека само во април и мај 4,5 илјади компании ја злоупотребиле државната помош, со што го оштетиле буџетот за 2 милиони евра.

-Некој треба кривично да одговара и да заврши зад решетки. Апелиравме за ова до Управата за Јавни Приходи од каде реагираа во најкус можен рок. Компаниите се лоцирани и согласно законот, заедно со Државниот трудов инспекторат, ќе бидат изречени глоби за исплата на парите што ги должат. Но, тоа не е доволно и мора кривично да се одговора“, изјави Дарко Димовски, претседател на ССМ

Казни и јавно објавување на имињата бараат и здруженија на граѓани кои се грижат за човековите права, како и економскиот аналитичар и поранешниот советник на министерот за финансии Јовановиќ. За ваквото недозволиво, неправедно, незаконско и нехумано однесување од работодавачите бараат санкции веднаш, како и враќање на парите во буџетот. Ако не го стори тоа, секоја фирма во иднина ќе знае дека може слободно да си ги крши законите на штета на работниците и да поминува неказнето.

Директорката на УЈП пак, денеска откри и нови злоупотреби. Голем дел работниците поднеле претставки каде тврдат дека газдите им дале плата, но побарале веднаш да им ја вратат.

Лукаревска најавува засилени контроли со Државниот инспекторат за труд и казни за секое незаконско профитирање на грбот на работниците. Целта на мерката беше да се зачуваат работните места, а не, како што вели, да се богатат сопствениците.