Македонија
21. December 2015 - 15:03

Гасоводната мрежа од Клечовце за Штип, е пристигната до селото Сушево

Градоначалникот Илчо Захариев на денешната прес-конференција информира дека Штип наскоро ќе се приклучи и ќе стане дел од глобалниот проект на Владата на Република Македонија за приклучување на гасоводната мрежа. 

Тој истакна дека изградбата на гасоводната мрежа од Клечовце до Штип е пристигната до селото Сушево.

Според градоначалникот Захариев,  покрај тоа што стопанството и општествените институции ќе имаат бенефит од изградбата на гасоводот, од овој проект голем интерес ќе имаат домаќинствата, кои ќе користат ефтин енергенс.

- Гасоводот се гради многу брзо, така што нема да ме изненади ако наредната година до нејзиниот крај стигнат и до Битола. Знаете дека ТИР зоната се подготвува за гасоводот, индустриската зона Македонка има комплетна мрежа, а што се однесува за другите институции, ние имаме формирано едно претпријатие, кое моментално функционира на хартија. Владата ќе донесе одлука кој ќе стопанисува со гасоводот, битно е тоа дека ќе имаме голема заштеда и ќе имаме енергија во секое време, рече Захариев.

Тој потенцира дека по изградбата на гасоводот, треба да се гради примарната мрежа низ градот, а потоа и секундарната преку која ќе се поврзат домаќинствата во Штип. 

На денешната прес-конференција претседателот на ОК ВМРО ДПМНЕ-Штип, Дејан Ивановски најави дека од Штип гасоводната линија продолжува до Кавадарци, Прилеп и Битола. Тоа, подвлече, практично значи дека е исполнето уште едно ветување на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а со тоа докажува дека Македонија ќе ја стави на светската карта на земји чија економија може да достигне уште поголем поттик, а ќе отвори и нови перспективи за Штип.