Македонија
24. February 2021 - 17:12

Галовеј: Многу е важно јакнењето на довербата во правната држава

Граѓаните мора да го видат на дело владеењето на правото, порачува британската амбасадорка во земјава. Го сподели својот став на прашањето кое ја дели и јавноста - дали во случајот со Сашо Мијалков, институциите покажаа слабост или способност. 

“Мислам дека е многу важна борбата против корупцијата во земјата и да ја зајакнете вербата на луѓето во владеењето на правото. Тоа значи да видиме дека сите овие случаи за кои сме свесни и кои ги гледаме во вестите да се решаваат, за луѓето да имаат верба дека правдата е задоволена” , рече Галовеј.

Галовеј од Штип ги коментираше и реформските процеси во правосудството. Потсети на британската поддршка при нивната имплементација, но потенцираше дека Обединетото Кралство сака да види конкретни резултати.

Случајот Мијалков е тест за судските органи во земјава. Баран со меѓународна потерница, тој сепак останува во куќен, а не во затворски притвор, одлука која предизвикува реакции кај фелата.

Една од нив доаѓа и од бранителот на Миле Јанакиески, кој смета дека неговиот клиент неправедно е третиран.

“Предметот во кој сега му е определен куќен притвор се води веќе три и пол години. Три и пол години тој е судница повеќе од 80 пати. Активно учествува, секојдневно е во судница. Навистина нема никаква основа или причина да биде определувана или продолжувана мерката куќен притвор по било кој предмет за него” , рече Еленко

За Миланов, судските апсурди не запираат тука. Тој за Јанакиески вчера добил две решенија за притвор по два различни предмета - едно со кое му се укинува и едно со кое му се определува домашен притвор.

По решенијата одлучувал ист судечки совет.