Свет
17. May 2017 - 17:26

Габриел: Парламентот може да гласа за повлекување на германските војници од базата Инџирлик

Германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел денеска изјави дека германскиот Парламент веројатно ќе гласа за повлекување на германските војници од турската воена база Инџирлик, доколку Анкара и натаму упорно одбива да дозволи пристап на германските пратеници до базата, пренесоа британските медиуми.

Турски официјални претставници за Ројтерс изјавија дека посетата на германските пратеници кај 250-те германски војници, распоредени во базата Инџирлик со цел да даде логистичка поддршка на антиџихадистичката коалиција, предводена од САД, во моментов не е умесна.

Продлабочените разлики за ова прашање дополнително ги влоши билатаралните односи, кои нагласено беа затегнати пред референдумот за уставните измени во Турција во април, што  на претседателот  Реџеп Тајип Ердоган му даде нови широки надлежности.

-Можам само да се надевам дека турската Влада ќе го промени својот став во следните неколку дена. Во спротивен случај, германскиот Парламент со сигурност нема да ги остави војниците во Турција, изјави германскиот шеф на дипломатијата Зигмар Габриел за весникот „Ноје оснабрикер цајтунг“.

Германскиот канцелар Ангела Меркел вчера изјави дека Берлин може да ги премести своите војници на друго место.

Електронското издание на списанието „Шпигел“ соопшти дека Германија ја истражува можноста за дислоцирање на своите војници во Јордан. Весникот „Берлинер цајтург“ пишува дека опозициските партии на Зелените и Левите бараат гласање за повлекување на германските војници од Турција.