Македонија
16. October 2015 - 17:18

ФЗОМ со историски најголем буџет

Од наредната година болниците и клиниките со повеќе пари на сметка. Фондот за здравствено осигурување најави зголемување на буџетите на јавните здравствнеи установи како и купување на нови услуги за пациентите. Во 2016 оваа институција ќе располага со историски највисок буџет. Во Фондовската каса ќе има над 25,6 милијарди денари или 1,4 милијарди повеќе од сегашното конто.

- Низ транспарентни преговори во ФЗОМ, низ добро утврдена методологија, ние заеднички со менаџерите на ЈЗУ низ ваквиот процес ќе ги утврдиме буџетите на тие установи за наредната година. Секако, тие ќе бидат втемелени на понудата што болниците ќе можат да ја дадат т.е. на услугите што ќе може да ги понудат на граѓаните. Особено зголемување имаме во делот на ставката здравствени услуги што значи дека од наредниот буџет значителен дел од средствата ќе биде одвоен за воведување нови методи, подобрување на квалитетот на сегашните услуги и зголемување на буџетите на јавите здравствени установи во Република Македонија, изјави директорот на ФЗОМ Сашо  Стефаноски.

Во 2016 клиничките болници и 8-ми септември ќе добијат условни буџети со кои треба да обезбедат тромболитична терапија за навремено делување кај пациенти со мозочен удар. Тромболизата се дава најкасно 4 до 5 часови по ударот и драстично ги намалува компликациите како што е парализата.

Денеска Фондот одбележува 15 години од постоењето. Во 2000 кога била основана институцијата располагала само со 12, 5 милијарди денари буџет. Денеска е двојно поголем. На годишнината над 60 вработени меѓу кои и менаџерите на Фондот даруваа крв.