Македонија
24. November 2015 - 15:16

ФЗОМ: Олеснување на казнената политика, нови поволности за матичните и стоматолозите

Нови поволности за матичните лекари и стоматолозите, а како резултат на тоа и изготвување нови анекси на договорите за 2016 година, најави Фондот за здравствено осигурување на Македонија заедно со Стоматолошката комора, Лекарската комора и Здружението на приватни лекари на Македонија.

Новите анекси се во насока на поддршка на владината политика за релаксирање на казнената политика и за намалување на договорните казни. Измените се со цел максимално олеснување на секојдневното работење на матичните лекари и стоматолозите. 

- Целта на релаксирање на казнената политика и воведување на опомената како прва мерка е од особена важност за зајакнување на партнерските односи со матичните лекари. Опомената ќе замени голем дел казни кои се изрекуваа од Фондот за технички грешки на матичните лекари, со што сакаме да ја зајакнеме партнерската улога со лекарите, рече денеска на прес-конференција директорот на ФЗОМ, Сашо Стефаноски.

Посочи дека според измените, осум договорни казни од една четвртина капитација ги префрлиле во опомени. Опомената, нагласи ќе важи само доколку првпат се направи повреда на договорот, а доколку повторно се случи, тогаш се изрекува договорна казна и тоа во следниве случаи: ако на матичниот лекар му недостига една ампула или таа е со истечен рок од задолжителната ампуларна терапија, доколку тој не го извести Фондот за промена на адреса и на тимот во рок од 20 дена, доколку здравствената установа не го почитува работното време, доколку матичниот лекар заборавил да евидентира датуми на аплицирање на ампуларна терапија или пак пациентот не му се потпишал на рецептот и доколку матичниот лекар не го чува образецот за избор на пациент во здравствениот картон.

Договорна казна ќе се изрекува и доколку матичниот лекар погрешно пресметал и наплатил партиципација која не надминува 50 денари повеќе од дозволеното (при што доволно ќе биде да му ги врати на пациентот откако ќе увиди дека е направена грешка), ако матичниот лекар направи техничка грешка и за лек кој е препорачан од специјалист/субспецијалист (на рецептот го згреши факсимилот, бројот на специјалистот/субспецијалистот), ако препише повеќе кутивчиња од лекот од максималната годишна количина, но вредноста не надминува 500 денари годишно.

- Намаливме три договорни казни, кои наместо 1/2 капитација од фиксниот дел ги намалуваме на 1/4 капитација од фиксен дел. Здравствената установа ќе се казни само доколку погрешно пресметала и наплатила партиципација - 50 денари повеќе од дозволеното. Понекогаш се прават грешки, но ако пациентот се оштети повеќе од 50 денари, само тогаш ќе изрече казна на ЗУ во висина на една четвртина капитација. Ќе и биде изречена казна доколку пропише лекови од максимално дозволените количини, повеќе од 500 денари на годишно ниво. Матичниот лекар нема да биде казнет доколку му препише повеќе кутивчиња од лекот од дозволеното, но таа вредност да не надмине 500 денари годишно, истакна Стефаноски

Потенцира дека ако здравствената установа не презела никаква активност за комплетирање на тимот, што најчесто се однесува на вработување на медицинска сестра по заминување на постоечката, во рок од 35 дена, во тој случај ќе биде казнета. 

Се бришат две договорни казни и тоа за упатување на повисоко ниво на здравствена заштита и бришење одредба од договор.

- Фондот во договор со Стоматолошката и Лекарската комора на Македонија и Здружението на приватни лекари воведе нова договорна казна која ќе значи превентивна мерка и заштита од злоупотреба на наплата на пациентите. Фондот мора да има максимална контрола во делот на наплата на пари и затоа од 1 јануари на секој матичен лекар во примарна здравствена заштита, кој незаконски ќе наплати пари на пациентот, ќе треба да ги врати парите на пациентот и ќе биде казнет во износ од три месечни капитации во фиксен дел (210% на ниво од капитација). Ова се однесува на здравствени услуги кои Фондот ги плаќа на матичните лекари преку капитацијата секој месец и затоа не смее да се случи пациентите да бидат оштетени, додаде Стефаноски.

Директорот на ФЗОМ, Орхан Рамадани рече дека направиле дополнителен сет на олеснувања и тоа: се зголемува лимитот за пропишување на лекови и антибиотици од 400 на 480 денари по поен, што во пракса ќе значи послободно издавање на рецепти за хронично болните пациенти.

- Од нашата анализа увидовме дека околу 200 матични лекари имаат проблем со износот на издадениот број на рецепти, затоа што кај нив има огромен број хронични пациенти и деца кај педијатарите, кои имаат потреба од поголем број лекови. Од 1 јануари со зголемениот лимит, повеќе нема да се намалува капитацијата за пречекорување. Досега во просек секој матичен лекар можеше месечно да пропише вредност на лекови од 70.000 денари за своите пациенти, а од 1 јануари ќе може да пропишува лекови во вредност од 84.000 денари, посочи Рамадани.

Истакна дека со посебна мерка ги стимулираат матичните лекари да одвојат време и да им укажат на пациентите кои се лековите без доплата за неговата болест и за таа намена доколку 40 отсто од реализираните рецепти се лекови без доплата, тогаш Фондот нема да го контролира  пропишувањето лекови и антибиотици.

Ја намалуваме, нагласи, администрацијата во делот на известување за прекин на работен однос на матичен лекар, така што наместо матичниот лекар да ја известува и подрачната служба и централата на Фондот, од 1 јануари со известување на едно место, Фондот ќе ги преземе сите дополнителни активности по службена должност, како што е контрола во ординацијата за извршените превентивни мерки и активности, исплата на заостанатите средства и порамнување на финансиската состојба.

- Направивме во новиот анекс на договор крупен исчекор во делот на можноста матичниот лекар да користи породилно отсуство или долготрајно боледување до 270 дена, без притоа да се грижи за состојбата на ординацијата, пациентите и медицинската сестра. Имено, од 1 јануари доколку матичниот лекар не може да вработи своја замена во ординацијата, тогаш, неговата редовна секојдневна замена може да ја преземе медицинската сестра, а со тоа и да ги опслужува сите пациенти и за тоа ќе биде исплатен, додаде Рамадани. 

Претседателот на Стоматолошката комора на Македонија, Владимир Поповски ја поздрави одлуката на ФЗОМ за намалување на казните и прифаќањето на дел од барањата на нивното членство, на докторите по дентална медицина и нивно интегрирање во идните анекси на договорот.

- Задоволни сме што од остварените работни средби со претставниците на работните групи и раководството на ФЗОМ. Конечно Фондот најде и начин како да ги претвори во решенија, во една идна пракса. Се работи за одредени казнени одредби кои се однесуваат на стоматолошките здравствени установи, а со чие намалување значително ќе се олесни правилното работење, особено трансформирањето на делот од казна во опомена за ординациите и за докторите, рече Поповски.

Изрази надеж дека ќе продолжат ваквите релации со ФЗОМ, дека Фондот ќе има разбирање и за другите барања и сугестии од Стоматолошката комора и од нејзиното членство и на ваков начин како институционални партнери ќе придонесат за подобрување на здравствената заштита во овој сегмент, односно за подобро орално здравје на населението.

Претседателот на Лекарската комора на Македонија, Кочо Чакаларовски изрази задоволство што повеќе од 1.500 нивни колеги ќе ги почувствуваат бенефициите од мерките кои ги донесе ФЗОМ во преговори со Лекарската и Стоматолошката комора.

- Се надевам дека ќе продолжат преговорите со гинеколозите кои се инкорпорирани во примарната здравствена заштита и дека со нив ќе се постигнат нови договори кои ќе означуваат олеснување, додаде Чакаларовски.

Претседателот на Здружението на приватни лекари на Македонија, Лилија Чолакова - Дервишова рече дека за првпат во изминатите 23 години матичните доктори кои издаваат боледувања на сите пациенти ќе можат и тие да отидат на боледување 270 дена.

- Тоа е топ информација за целото наше членство заради што сметаме дека сите се на возраст, односно во ризични години, така што и тие се разболуваат. Другата битна информација е што буџетот за препишување на хронична терапија се зголемува од 400 на 480 денари, така што и тука направивме позитивен исчекор и ни се прифати и тоа барање, посочи Чолакова - Дервишова.

Исто така, потенцира, првпат во историјата на 23 години постоење приватно здравство се воведува казнена мерка опомена.

- Направивме позитивни суштински измени на задоволство на сите и барањата на докторите се претворија во вистински дела, додаде Чолакова - Дервишова. рп/скс/14:50