Македонија
13. January 2017 - 13:46

ФЗОМ досега додели 10.101 ваучер за ин витро

Фондот за здравствено осигурување до денеска доделил вкупно 10.101 ваучер за ин витро (биомедицинско потпомогнато оплодување-БПО). 

Осигуреничката С.М.М. од Скопје, која има 43 години, го добила 10.000-от ваучер за ин витро.

- Со сите наши расположливи капацитети ја реализираме нашата цел- да им излеземе во пресрет на сите барања на осигурениците кои сакаат да имаат деца, а имаат потешкотии да го остварат тоа. Нашите заложби се на планот на ин витро да работиме уште понапорно и да им овозможиме на осигурениците кои по природен пат не можат да добијат дете, својот животен сон да го остварат преку методот на ин витро, соопшти Фондот за здравствено осигурување. 

Постапката за ин витро како право првпат е овозможена на товар на Фондот во 2008 година, по пат на рефундација на средства, а од 2010 година осигурениците по одобрување од Фондот добиваа ваучери. 

Во 2013 година од 1075 барања за ин витро со комплетна документација, Фондот позитивно решил 1039 барања. За 2014 година, од 1166 барања со комплетна медицинска документација, Фондот позитивно решил 1060. Во 2015 година, од 1598 нови барања, позитивно се решени 1341, а за 2016 година од вкупно 1862 нови барања, Фондот позитивно решил 1588 барање.

- Динамиката на остварување на програмата за ин витро, која претставува врвен приоритет за Фондот, ги надмина дури и нашите најоптимистички очекувања, како според бројот на брачни двојки  опфатени со оваа постапка, така и според брзината и ефикасноста на нејзината реализација, се вели во соопштението од ФЗОМ.

Зголемувањето на бројот на ваучери, како што се наведува, се должи на неколку новини кои Фондот и државата во континуитет ги овозможуваат за осигурениците, како што е новината од 1 јануари 2014 за овозможување ин витро на товар на Фондот за второ дете. Следната новина беше овозможување и право на ин витро за трето и четврто дете од 28 декември 2015 година, како и новината партиципацијата која изнесуваше 6.000 денари да биде на товар на Фондот за користење здравствени услуги во постапките за ин витро (БПО) за добивање  прво, второ, трето и четврто дете, а не на осигурениците, така што услугата за ин витро стана комплетно бесплатна.

- Зголемувањето на бројот на одобрени ваучери е евидентен и за второ дете. Во 2016 година го имавме одобрено 189 ваучер за второ дете, а во 2015 година 146. За трето дете годинава го одобривме десетиот ваучер и за четврто дете еден ваучер, информира ФЗОМ.

Здравствените установи кои вршат ин витро оплодување (биомедицинско потпомогнато оплодување-БПО), а кои имаат склучено договор со Фондот во 2017 година се: „Плодност“ од Битола, „Д-р Оргаџински“ од Штип, „Ре-медика“ од Скопје, „Ултрамедика“ од Скопје, „Моја болница“ од Скопје, „Аџибадем Систина“ од Скопје, Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство, „Гинеко медика“ од Скопје и „Инанна систем (Њуборн клиник)“ од Скопје. 

Сите потребни обрасци, упатството за начинот на остварување на правото на БПО на товар на ФЗОМ и сите други информации се објавени на веб-страницата на ФЗОМ www.fzo.org.mk.