Македонија
20. September 2018 - 17:04

ФЗО одобри пари за специјализантите, откако се заканија со протест пред владата

Фондот за здравствено осигурување одобри пари за плати за стотина приватни лекари специјализанти, кои пет месеци чекаат на ветениот месечен надоместок. Откако се заканија дека утре ќе протестираат пред Влада, надлежните ги обезбедија потребните финансиски средства.

Одлуката беше усвоена од страна на Управниот одбор на Фондот, со што се исполнети формалните услови на оваа група доктори запишани на приватна специјализација на конкурсот во јануари 2018 година, да им биде исплатен месечен паричен надоместок за нивниот труд и ангажман, соопштија од Министерството за здравство.

Оваа група на специјализанти во октомври, покрај септемвриската плата, според најавите од надлежните ќе ги добие и ветените месечни надоместоци за уште три месеци. Тоа го вети  и министерот за здравство за време на неговото гостување во утринската програма на Сител – Ја сакам Македонија.

- Тие го пролонгираа протестот, и секако ретроградно ќе им бидат исплатени и месечните надоместоци од јуни, изјави Венко Филипче, министер за здравство.

Покрај медицинарите, вчера на мирен протест пред Министерството за здравство беа и специјализантите по стоматологија, кои исто така добија ветување за плата од октомври. И едните и другите со месеци наназад реагираа дека неплаќањето на нивниот ангажман и труд само повеќе ги тера младите доктори да бегаат од државата.

Сања Димитровска, Сител ТВ