Свет
10. May 2017 - 17:21

Франсоа Оланд претседаваше со последната владина седница

Францускиот претседател во заминување Франсоа Оланд денеска претседаваше со последната седница на Владата на Франција во неговиот петгодишен мандат, пред и официјално да му ја предаде должноста на новоизнраниот шеф на државата Емануел Макрон, јави дописникот на МИА од Париз.

За седницата, на која присуствуваа премиерот Бернар Казнев и сите 17 министри и 20 државни секретари на Владата, не беше предвидена посебна церемонија, но таа симболично се одржа на годишнината од денот на изборот на првиот претседател социјалист на Петтата Република, Франсоа Митеран на 10 мај 1981 година.

Портаролот на Елисејската палата. Стефан Ле Фол изјави дека на седницата Оланд изразил задоволство што во текот на својот мандат имал можност да работи со три премиери и нивните влади.

Ле Фол нагласи дека претседателот во заминување во обраќањето на седницата неговиот петгодишен мандат го оценил како „многу силен" и ја истакнал важноста на „социјалниот дијалог“, порачувајќи дека „ќе чини многу ако се заборави на него“.

Државниот секретар за транспорт Ален Видалис по седницата изјави дека Оланд порачал оти „скапо го плативме тоа што заборавивме на социјалниот дијалог“.

- Мислам дека тоа беше и луцидна анализа на она што се случи или можеби некоја порака за оние кои доаѓаат, рече Видалис.

Француските медиуми оценуваат дека ваквата изјава на Оланд претставува имплицитна порака до неговиот наследник Макрон, кој најави дека уште во текот на летово има намера да донесе уредба за регулирање на законот за работни односи.

Премиерот Казнев од своја страна по седницата истакна дека „вредностите како што се лојалноста, единството и верноста, мора да продолжат да го инспирира напредок на она што ја претставува француската левица".

Министерката за екологија и поранешна животна сопатничка на Оланд, Сеголен Роајал изјави дека по изборот на Maкрон има чувство дека „некаде нешто продолжува со нова динамика“. - Ова беше свечен и сериозен момент, но тој не е тажен, бидејќи знаеме дека работата во секој случај е остварена, ние сме горди, реќе Роајал.

По последниот состанок на Владата во неговиот мандат, Оланд пред Елисејската палата се поздрави со сите министри и државни секретари, по што замина на свеченост по повод укинувањето на ропството во Франција, на која присуствуваше и неговиот насленик Макрон.