Македонија
15. јуни 2017 - 15:38

Францускиот амбасадор задоволен од сработеното на автопатот Демир Капија - Смоквица

Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние е задоволен од сработеното на автопатот Демир Капија - Смоквица и од работата на француската компанија „ЕЖИС“ која беше назначена како надзорен орган за проектот за изградба на оваа автопатска делница.

- Особено сум горд што најголемото француско инжењерско претпријатие беше избрано за надзор. ЕЖИС спроведе извонредна работа која веќе е при крај и која најверојатно ќе има силни економски ефекти врз македонската економија затоа што автопатот ќе значи премин и поврзување од Салцбург до Солун, изјави Тимоние, додавајќи дека станува збор и за трансфер на технологија и знаење.

Одговарајќи на новинарско прашање околу истрагите што ги покрена Грчкото обвинителство за грчкиот изведувач „Актор“ кој работеше на оваа автопатска делница, францускиот амбасадор одговори дека за нив она што е најважно е работата на француската компанија ЕЖИС.

- Таа е надлежна за квалитетот на материјалите, како надзор. Под кои услови бил потпишан договорот, тоа воопшто не е во моја надлежност. Она што мене ми се допаѓа е да видам на лице место ваква извонредна работа која е спроведена. Оставам правдата да си ја врши својата работа, рече амбасадорот Тимоние.