Македонија
18. March 2019 - 14:20

Францускиот амбасадор Тимоние во посета на Општина Градско

Францускиот амбасадор Христијан Тимоние, во рамки на месецот на Франкофонијата, денеска беше во посета на Градско, каде се сретна со градоначалникот на општината Роберт Бешовски, при што разговарале за идна соработка во областа на економијата, културата и образованието.

Тимоние и Бешовски ги посетија од ООУ „Даме Груев“ од Градско кои изучуваат француски јазик и со нивниот професор  разговараа за можноста за понатамошно усовршување на учениците  на францускиот јазик.

Францускиот амбасадор рече дека со својот домаќин разговарале со сите проблеми на општината и изнаоѓање  решение за нив.

– Градоначалникот навистина се подготвува за европски хоризонти преку инвестиции, но и преку образованието. Изучувањето на францускиот јазик е подготовка за утрешната европска иднина бидејќи познавањето на францускиот јазик претставува важен пасош за ЕУ, нагласи Тимоние.

Тој направи споредба со Франција и земјава, бидејќи и двете се претежно земјоделски земји, истакнувајќи дека сите општини и градови се соочуваат со климатските промени.

– Општините и сите градови отприлика се соочуваме со истите проблеми. И Европа се соочува со предизвиците што ги носат климатските промени. Затоа е многу важно да се разговара и со градоначалниците и со сите жители, бидејќи само така се подготвува иднината и ќе се надминат сите тие предизвици, потенцира Тимоние.

На новинарско прашање дали има можност за скора реализација на некој проект од областа на  културата, Тимоние рече дека и затоа е дојден да види каква е состојбата и посебно е заинтересиран за негување на културното наследство.

– Франција е светска туристичка дистинација и ние сме помогнале во такви области во земјава и веќе имавме проект со црквата во Курбиново. Ние  навистина посакуваме соработката од областа на културата и заштитата на културното наследство да продолжи, но за тоа прво треба да се побара помош од нас, рече тој.

Градоначалникот Бешовски изјави дека од оваа средба очекува можност за подолгорочна соработка на економски и културен план.

– Со оваа средба и разговори се отвора и можност за реализација на проекти значајни за Општина Градско, потенцира Бешовски.

Амбасадорот Тимоние со својот домаќи ги посетија и откупно дистрибутивниот центар за земјоделски производи на фирмата „НИКОМ“ ДОО, штабовите на двете најголеми политички партии, германските гробишта од Првата Светска војна кај Градско и Манасторот „Св.Архангел Михаил“ кај село Горно Чичево.