Свет
1. May 2016 - 13:22

Француски новинар помина шест месеци инфилтриран во ќелија на ИД во Франција

Францускиот телевизиски канал Канал+ утре ќе го емитува документарниот филм „Војниците на Алах“, кој е снимен во срцето на една исламистичка радикална група и подготвен од новинарот со псевдоним Саид Рамзи, кој е на иста возраст како и радикализираните исламисти кои ги извршија атентатите во Париз и Брисел, јавува дописникот на МИА од Париз.

Дејствието се случува во Шатору, во еден парк, кој во текот на зимата е пуст. Потоа од снимените разговори се дознава кои се мотивациите на овие млади кандидати за џихад, кои иако им се познати на антитерористичките служби и кои најчесто се следени, се состануваат и подготвуваат заговори.

- Мојата цел беше да се обидам да сфатам што имаат во главите, вели Саид Рамзи.

- Една од главните поуки е дека во сето тоа не видов ислам. Ниту волја да се направи светот подобар. Видов само млади луѓе кои се изгубени, фрустрирани, изгубени, самоубиствени, лесни за манипулирање. Тие ја имаат среќата да се родени во времеот кога постои Исламската држава. Тоа е многу тажно. Тоа се млади во потрага на нешто, и тоа е единственото нешто што го пронајдоа, вели новнарот.

На нивната прва средба, „емирот“ на групата, кој е млад Французин со турско потекло, вели дека се вика Усама. Се обидува да го убеди новинарот, кој го познава под името Абу Хамза, дека рајот ги чека на крајот од нивната самоубиствена мисија во Сирија или во Франција.

- Кон рајот, ова е патот, шепоти емирот, со зборови кои ја замрзнуваат крвта: „Дојди брату, ќе одиме во рајот. Нашите жени не чекаат, со ангелите како служители. Ти ќе имаш палата, коњ со крила направен од рубини и злато“.

При нивната средба пред една џамија во Стан во парискиот регион, еден член од групата покажува еден авион кој се приближува на аеродормот во Бурже и вели: „Со една мала ракета, ти можеш да го погодиш... Ти ќе го направиш тоа и ти ќе го потпишеш Давла (држава за Исламската држава) и Франција ќе биде трауматизирана за цел еден век“.

Некои како Усама се обидуваат да заминат во Сирија. Но уапсен од турската полиција, тој е вратен во Франција, каде поминува пет мсеци в затвор пред да биде ослободен. Под контрола, тој мора секој ден да поминува во полициската станица да се потпишува. Криптираната пошта Телеграм, му дозволува да биде во контакт и да закажува состаноци на кои планира атентати во Франција.

- Потребно е да се нападне воена база. Кога ручаат, сите се наредени... Та-та-та-та-та? Или пак новинарите од БФМ, ИТеле, тие се во војна против исламот (...)Исто како што направија во Шарли. Треба да им се скрши срцето. Со изненадување, што можат да направат, тие не се добро заштитетни. Потребно е да умрат илјадници Французи, вели Усама.

Работите се забрзуваат кога извесен Абу Сулејман, со кој новинарот не се среќава никогаш, се враќа од Рака, и му закажува средба во станица на приградскиот железнички сообраќај РЕР во парискиот регион. Таму една жена во никаб му дава писмо во кое има план за напад и со опис: „нападнете една дискотека, пукајте до смрт, чекајте силите на редот да дојдат и тогаш активирајте го експлозивиот појас“.

Членови на една група од Орлеан успеваат да најдат „калашников“, но полицискиот обрач се стега. Се случуваат првите апсења и еден од оваа група кој успева да побегне од апсењата му праќа порака „ти си готов“.

Во тој момент завршува инфилтрацијата на групата од новинарот, кој имаше за цел да ги покаже кулисите на организацијата која целосно го контролира својот имиџ.