Бизнис
18. December 2017 - 14:58

Француски компании заинтересирани за инвестици во железницата во Македонија

Француски компании се заинтересирани за инвестиции и за работа на проекти во железничкиот сектор во Македонија, но и во останатите најавени инфраструктурни активности. Можностите за соработка ги разгледуваат денеска средба претставници на 12 компании од Франција со министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, кој ги презентира плановите на Владата во патната и железничката инфраструктура. 

- Повеќе француски компании имаат изразено интерес за учество особено во македонската железница, и да инвестираат, но и да учествуваат на различни нивоа, бидејќи на сите ни е јасно дека железницата навистина е голем предизвик. Треба да се гледа подолгорочната цел, а тоа е заштита на животната средина. Железничкиот сообраќај  загадува многу помалку, изјави францускиот амбасадор во Македонија Кристијан Тимоние, кој ја организираше средбата што се одржува во Француската резиденција во Скопје.

Во Македонија, оцени Тимоние, не само што на политички план е свртена нова страница, туку е најдена нова динамика на економски план.

- Во однос на инвестициската  клима новата Влада навистина докажа дека ќе има транспарнетне пристап и еднаков третман и кон странските и кон макеоднските  компании, рече Тимоние.

Сугарески најави дека пред француските компании ќе ги претстави капиталните  проекти кои ги планира Владата на Коридорот 8 за железничкото поврзување на Македонија со Албанија и Бугарија, како и идните активности за изградба на автопатишта, експресни и регионални патни правци.

- Целта е со завршување на одреден дел проектни документации и отворање тендерски постапки да видиме дали француските компании може да учествуваат  доколку планираат да инвестираат односно да работат во Македонија што реално го посакуваме, а се во насока на модерна и квалитетна инфраструктура во Македонија, изјави Сугарески.

На Коридорот 8 Македонија се уште нема обезбедено финансии за третата делница од пругата кон Бугарија, од Крива Паланка до ГП Деве Баир, а од меѓународните кредитори допрва ќе се бараат пари и за пругата Кичево - Лин за која неодамна беше завршена проектната документација.

Во патниот сообраќај, како што истакна Тимоние, досега е остварена добра соработка. Француската „ЕЖИС“ која беше ангажирана како надзорен орган во изградбата на автопатот Демир Капија - Смоквица е една од компаниите со кои се соработуваше во оваа област. 

- Со министерот веќе имавме можност да посетиме дел од изведбите на лице место и мислам дека му се допадна сета умешност што ја поседуваат француските претпријатија, а особено има една тема околу која сме согласни дека нормите за квалитет треба да бидат подигнати на повисоко ниво и во таа област ќе работиме заедно, рече Тимоние.