Свет
13. April 2018 - 8:43

Француската полиција „евакуира“ студенти од Сорбона

Француската полиција соопшти дека нејзини припадници минатата ноќ влегле во парискиот универзитет Сорбона „за да евакуираат околу 200 студенти“, кои во објектот започнаа протест против владините реформи во високото образование. 

Во полициското соопштение се нагласува дека „операцијата во Сорбона минала мирно“.

Полициската акција ја потврди и Ректоратот на Соробона, нагласувајќи дека по „три часа преговори со студентите кои не вродија со плод, ректорот со жалање побара интервенција на силите на редот“.

Акцијата е спроведена откако вчера стотици студенти решија да започнат „окупација на Сорбона“ и на тој начин да го изразат своето незадоволство од најавените реформи во високото образование, со кои се предвидува упис на факултетите да се врши според поените освоени на матурските испити. 

Во десетина француски унивезитети се одржуваат студенстски протести против реформите, со целосно или делумно блокирање на образовните институции.

Францускиот претседател Емануел Макрон оцени дека ваквите протести се поттиканити од „професионални агитатори“ и им препорача на студентите наместо да протестираат да почнат да се подготвуваат за испитите, кои „нема да бидат слатки како чоколада“.