Балкан
6. January 2018 - 13:52

Француската компанија „Ванси ерпортс" ќе управува со aеродромот во Белград

Премиерката Ана Брнабиќ денеска изјави дека француската корпорација „Ванси ерпортс“ (Vinci Airport) дала најдобра понуда за концесија на 25 години за аеродромот „Никола Тесла“ во Белград.

Според Брнабиќ, приходите од концесијата и инвестицијата во наредните 25 години ќе изнесуваат 1,5 милијарди евра и дека по 25 години аеродромот ќе и биде вратен на Србија.

Брнабиќ изјави дека компанијата „Ванси“ дала најдобра понуда по сите три критериуми - финансиски, технички и правни.

Таа додаде дека француската компанија веќе управува со осум аеродроми во светот.

Како што објавија медиумите, „Ванси ерпортс“ понудил 501 милион евра за концесија за аеродромот на 25 години, со инвестициска обврска од 732 милиони евра, додека годишната такса ќе изнесува од пет до 16 милиони евра.

Српскиот претседател Александар Вучиќ во врска со одлуката за давање под концесија на аеродромот „Никола Тесла“ изјави дека е повеќе од задоволен.

- Презадоволен сум од овој успех на Србија, навистина не очекував дека ќе понудат 501 милион евра, истакна Вучиќ, додавајќи дека „со ова постигнавме огромен успех и покажавме голема меѓународна репутација“.

- Ова значи дека Србија напредува во споредба од пред пет години. Тогаш мислевме да го дадеме аеродромот под концесија и ни рекоа дека можеме да добиеме максимум 40-50 милиони евра за однапред платена програма на 25 години, изјави Вучиќ, нагласувајќи дека сега се добиени една милијарда и 468 милиони евра.

Според договорот компанијата „Ванси“ вети дека нема да има отпуштања на вработени и има обврска да не ја зголемува аеродромската такса.

Вучиќ денеска изјави и дека нивото на јавниот долг е намален на 57 отсто од БДП, што е под нивото на Мастрихт.