Свет
22. јуни 2016 - 13:55

Франција забрани синдикални протести

Француските власти ги забранија утрешните синдикални протести во Париз против законот за работни односи, поради „опасност од насилство“.

Тоа е прва забрана на синдикални манифестации во Франција по повеќе децении.

Одлуката е донесена откако седум синдикати, организатори на протестите, одбија да прифатат утрешниот собир да биде статичен за полицијата полесно да може да ги контролира.

Лидерите на синдикатите Фо и на ЦГТ, Жан-Клод Маји и Филип Мартинез побараа итен состанок со министерот за внатрешни работи Бернар Казнев.

Синдикатите протестираат повеќе од три месеци против најавените владини реформи на Законот за работни односи, во кои покрај другото е предвидено полесно отпуштање иако стапката на невработеност во Франција е висока.

Во десетината протести од февруари, имаше неколку судири меѓу демонстрантите и полицијата, а десетици лица беа повредени и уапсени.