Свет
24. April 2017 - 9:21

Франција: Ле Пен го поздрави „историскиот резултат“ на крајната десница

Лидерката на крајнодесничарскиот „Национален фронт“ Марин ле Пен, која се квалификуваше во вториот круг на претседателските избори во Франција, го поздрави „историскиот резултат“ на нејзината партија во првиот круг од изборите. 

- Првата фаза, што треба да ги поведе Французите кон Елисејската палата, заврши. Тој резултат е историски, наведе Ле Пен. 

Таа истакна дека во вториот круг Французите треба да направат избор меѓу „дивата глобализација“ олицетворена од нејзиниот ривал Емануел Макрон и „големата промена“ остварена од неа. 

Ле Пен вети дека ќе ја заштити Франција од „притаената глобализација, што ја заплашува нашата цивилизација“. 

- Резултатот е историски. Тоа ми доверува огромна одговорност да ја заштитам француската нација, нејзиното единство, нејзината безбедност, култура, напредувањето и независноста, изјави крајнодесничарската лидерка пред нејзините поддржувачи. 

- Опстанокот на Франција е ставен на маса. Време е да го ослободиме францускиот народ од арогантните елити. 

- Изборот е сега меѓу дивата глобализација во светот, каде терористите можат да патуваат слободно и Франција со строго чувани граници, нагласи Ле Пен.