Македонија
20. јуни 2019 - 16:17

Франција и Германија со став: Не е прашање дали туку кога ќе почнат преговори

Прашањето не е дали, туку кога ќе почат преговорите за членство во Европската унија. Одлуката тоа да се случи во октомври е најреална до сега. Но, дотогаш не треба да се концентрирате на датумот, туку на најавената владина реконструкција и законот за специјалното јавно обвинителство. Тоа е начинот на кој граѓаните на државите членки на ЕУ ќе стекнат поголема доверба во политиката на проширување.

Германскиот и францускиот амбасадор Томас Гермерих и Кристиан Тимоние преку Националиот совет за евроинтеграции во Собранието ги испорачаа условите за следниот состанок на Советот на ЕУ.

За владејачкото мнозинство причините за одложувањето на датумот за преговори од јуни во октомври биле технички, но своја одговорност имала и опозицијата.

Опозицијата пак, критикуваше дека Владата премногу ги кренала очекувањата на граѓаните иако знаела дека повеќе земји не даваат поддршка за проширување. Реалните шанси за целосен прием на државата во Унијата сметаат дека има во периодот од 2028 – 2034.

Дебата во националниот совет за евроинтеграции доаѓа ден откако советот на министрите на ЕУ донесе заклучок за почеток на преговорите со Македонија и Албанија да се одлучува во октомври, а не сега во јуни.