Македонија
3. May 2017 - 16:10

Фотоизложба „Кога сонцето заоѓа“ од Коста Ќука во Битола

Битолчанецот Коста Ќука, лице со Даунов синдром, вработен во НУ Универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“-Битола, денеска на јавноста јпретстави своја фотоизложба на тема „Кога сонцето заоѓа“.

На промотивниот настан во Битола беше речено дека Ќука 40 години се бори да докаже дека оној еден хромозом повеќе, не е недостаток туку можеби дар и бескраен стремеж да се биде подобар од сите, а со својата неисцрпна енергија тој се труди да докаже дека животот исполнет со делење љубов и насмевка на секого е можен и дефинитивно поубав.

- Коста Ќука е вреден работник, човек полн со разбирање и љубов за сите, човек со уметничко око што ја забележува природата околу себе, тој е човек што го доживува сонцето на свој начин и испраќа порака дека сите сме тука, сите сме под сонцето. Ќука, исто така, порачува дека на лицата кои се соочуваат со одредени здравствени пречки треба да им се даде можност, да се верува во нив, а тие ќе возвратат со својот максимум и добрина што ја имаат, рече меѓудругото Лили Бошевска, директорка на НУУБ „Св. Климент Охридски“-Битола која ја отвори фото-изложбата.

Фотографиите на тема „Кога сонцето заоѓа“ се фотографирани и изработувани подолг период, а главната инпирација е сонцето бидејќи тоа е лек за срцето, истакна авторот Коста Ќука.

- Прекрасно се чувствувам. Среќен сум меѓу бројните гости. Сонцето е мој мотив затоа што сонцето е лек за срцето. Посебно сакам да го сликам залезот на сонцето. Почнав да сликам со мојот телефон, а подоцна добив фотоапарат. Фотографиите ги изработив во Охрид, Битола и на други места каде што сум се затекнал, а притоа сонцето заоѓало. Ќе продолжам да фотографирам бидејќи природата премногу ја сакам, рече Ќука.