Живот
31. January 2020 - 9:15

Фотографката Билјана Јуруковски во проект за документирање на последните домородни култури во светот

„Кога страста е придружена со љубопитност, храброст и креативност, тогаш сте на пат кон земјата на чудата – место од кое не ќе сакате да се вратите никогаш“. Тоа е пораката на Билјана Јуруковски, Македонка од Сиднеј која ги фотографира домородните народи. Посетила повеќе од 30 земји, далечни и егзотични, и места каде што не стапнал турист.

Неколкупати била кај племето Сури/Сурма во Етиопија на границата со Јужен Судан – инспирирана од тие необични луѓе кои ги сликаат своите тела како уметнички платна, користејќи бои од природата – од растенија, вулкански карпи, школки, рогови…  Од посетите на племето Сурма произлезе и нејзината серија од фотографии „Племенски музи“  (Tribal Muses), за кои таа вели дека се збирки со интимни портрети од некои од најуникатните, древни, мистични и егзотични жители на овој свет.

-Нивната уметност е бесконечно инвентивна, магична и природна… Тие се моите музи – бунтовни, диви и нескротени. Тие се мојата незапирлива сила во остварувањето на моите соништа. Тие се визија за силата, убавината и достоинството на жените. Тие се диви цвеќиња кои тешко можат да се најдат, а откако ќе се пронајдат е невозможно да се заборават… – ќе прочитате на веб-страницата на Јуруковски.

Оваа фотографка самоука во хобито додава и дека сака да ги сподели своите приказни преку фотографија зашто тие, како што вели, го надминуваат светот на сиромаштијата и стравот од непознатите места.

– Сакам светот да ја види убавината, креативноста, гордоста на племенските луѓе, вели Билјана, а факт дека и успева во својата намера е тоа што нејзини фотографии се објавени во специјализирани списанија како National Geographic, The Guardian, Lens Magazine, Silvershotz, La Fotografia, ArtAscent, Wotisart… Билјана ја доби фотографската награда „Heritage Bank“, беше во потесен избор за наградата „Австралиски фотограф на 2018 година“ во категоријата „Патувања и луѓе“, лани имаше победничка фотографија на изложби на The Independent Photographer во Берлин и Барселона…  Десет фотографии од серијата/портфолиото „Tribal Muses“  од декември 2019 до февруари 2020 се прикажуваат во Париз, на дигитална фасада најголема во Европа.

За 2020 е избрана од Фондацијата на светскиот фотограф Џими Нелсон да учествува во негов проект за документирање и истражување на домородните култури што се пред исчезнување. Тоа е, веројатно, меѓу најзначајните признанија за нејзината работа зашто токму книгата на Нелсон „Пред да изумрат“ (Before They Pass Away) ја поттикнала да се занимава со ова хоби откако ја прочитала пред шест години.

Во интервју за МИА Билјана Јуруковски зборува за целите на овој проект и соработката со Нелсон, за искуствата од средбите со домородците и ни открива која е нејзината следна дестинација. И сето тоа урамнотежено со професионалните и семејните обврски на оваа млада жена која е родена во Прилеп, а живее и работи во Сиднеј.

Во 2020 година ќе соработувате со фондацијата на познатиот фотограф Џими Нелсон откако лани бевте избрана за негов проект. Во што се состои тој и како конкретно ќе бидете вклучена?

Џими Нелсон е светски познат фотограф кој ги документира последните народи, култури што го зачувале традиционалниот начин на живот. Мисијата на проектот е да ја документираме гордоста што лежи во овие различни народи, која ќе нѐ врати заедно и ќе формира основа за заемно почитување и разбирање за целото човештво.

Проектот е наречен „Круг на културни врски” и ќе бидат неколку проекти низ различни делови на светот каде што ќе се документираат културни фестивали и начинот на живот.

Сѐ уште не знам во која земја ќе бидам испратена, информацијата ќе ја добијам три месеци пред самото патување.

Дали го запознавте Нелсон и што значи за Вас можноста да соработувате со фотографот од кого и се мотивиравте пред неколку години да почнете да ги посетувате и фотографирате народите што се пред исчезнување?

Џими Нелсон се наоѓа во Холандија и лично го немам запознато. Комуникацијата се одвива преку видеочетови. Бев селектирана врз основа на портфолиото што го имав испратено од Етиопија и од Вевчанскиот карневал 2019.

Тимот што ќе биде формиран ќе ги истражува и документира последните светски домородни култури од лична перспектива на самиот фотограф. Можноста да се биде дел од еден ваков проект е нешто фантастично, нешто за кое не сум ни сонувала претходно.

Видете, со фотографија јас почнав пред само пет години и онака, само за хоби, да можам да најдам еден баланс помеѓу работата, која е премногу одговорна и строга, и креативноста која секогаш беше во мене. Никогаш не ни помислував дека ќе стигнам каде што сум денес.

Покрај експедицијата што е планирана од Фондацијата на Нелсон, кое е следното патување за кое се подготвувате во оваа година?

Следното патување го планирам за април. Ќе бидат три различни дестинации и трите со намера за различен жанр на фотографија. Првата дестинација е во Сиберут, остров кој се наоѓа на околу 150 километри од Индонезија.

Длабоко во џунглите на Сиберут се наоѓа племето Ментаваи кои се тотално изолирани од цивилизацијата. За да се стигне до тоа племе ќе мора да се патува со брод за да стигнам до островот, кој оди само трипати во неделата. Потоа имам уште шест часа со чамец низ реката за да стигнеме во внатрешноста каде што живеат овие домородни луѓе.

Како племе веруваат во анимизам, дека сите нешта имаат дух и душа. Имаат премногу интересна традиција на тетоважи кои имаат посебно значење.  Нивните тетоважи се сметаат за најстари во светот.

Планирам да останам со племето една недела и потоа ќе заминам за Бали каде ќе останам неколку дена пред да продолжам за Источна Јава. Таму  планирам да одам на вулканот Иџен – каде што се наоѓаат сулфурните полиња/рудници околу самиот кратер.

Целта ми е документарна фотографија од рударите коишто носат по околу 80 до 90 килограми сулфур на голи рамена. Би сакала да го документирам нивниот живот и условите во кои работат.

Покрај племето Сурма во Етиопија, кои други култури во Африка сте фотографирале и како тие изолирани заедници ги доживуваат и реагираат на „глобализираните“ луѓе?

Покрај племето Сурма, во Етиопија исто така ги имам фотографирано и племињата Мурси, Каро, Арборе и Хамар, а во Ангола ги имам фотографирано Мухакаоната, Химба, Мвила, Коисан и Мукубал.

Како што ние имаме интерес за нив, исто така и тие се премногу љубопитни, особено децата.  Сепак, одам во делови што не се туристички дестинации и многу ретко се посетени, освен од фотографи чија цел е да ги документираат домородните луѓе. А и тие се ретки.

Може ли да издвоите најопасна ситуација во која сте се нашле, бидејќи околностите се предизвикувачки и постојано сте изложена на ризици – од зарази, племенски војни, зафрлени и тешко пристапни средини…?

Самите патувања во овие делови се опасни поради тоа што сè уште има племенски војни. Во племето Сурма секој маж има калашников, така што мора да патувам со вооружено обезбедување кои остануваат со мене 24 часа. Самата природа си има свои опасности – од диви животни, инсекти, зарази итн. На последното патување бев изложена на туберкулоза затоа што целото племе беше заразено. Кога се вратив морав да направам испитувања и да проверам случајно да не сум заразена.

Една од поопасните ситуации беше при мојата прва посета во Етиопија кога мораше да преминеме преку река длабока некаде до колена, за да можеме да стигнеме до племето Хамар. Додека бевме во самото племе зафати пороен дожд и нивото на водата се зголеми и не можевме да ја преминеме реката. Со часови пешачевме покрај брегот за да најдеме дел каде што нивото ќе биде пониско, но не можевме. На крајот нè пренесоа домородните луѓе – четворица домородци на еден фотограф за да може да ја преминеме реката.

Имав и друга ситуација. Вториот пат додека фотографирав на брегот од реката ни пријдоа толпа домородни луѓе, исто така од племето Сурма, со мачети, и почнаа да се расправаат со кланот каде што бев останата, да се закануваат дека ќе нè убијат преку ноќта и да тврдат дека реката е нивна и дека немаме пристап тука. Поради заканите, тоа патување морав да го скратам и да заминам неколку дена порано.

Сте фотографирале во 30-ина земји, меѓу другите во Непал – на Хималаите, во Виетнам, Монголија – од каде произлезе и фотографијата „Тhe Eagle Hunter“ што ја објави „Нешенал џиографик“… Со оглед дека живеете во Австралија и Ве фасцинираат домородните народи, дали сте биле и меѓу Абориџините?

Го имам посетено делот каде што живеат Абориџините – Улуру, но како култура и народ имаат изгубено многу од традиционалното. Покрај тоа, дел од нивните верувања се дека доколку ги фотографираш, им одземаш дел од нивната душа и фотографијата мора да биде вратена кога заминуваат од овој свет.

Тоа е само дел од причините зошто ги немам фотографирано и го почитувам тоа дека не сакаат да бидат фотографирани.

Вие сте извршен директор на домови за грижа на стари лица во Сиднеј. Како ги усогласувате секојдневните професионални обврски со овие патувања од хобито, кои исто така бараат и долготрајни подготовки?

Тоа е еден од големите предизвици со кои се соочувам секојдневно, но кога нешто се сака секогаш има решение. Не е воопшто лесно, секогаш сум во преговори на работното место дека треба некаде да заминам.

Во 2019 година бев 16 недели отсутна од работа, но моите резултати како професионалец се секогаш беспрекорни. Како индустрија сме премногу регулирани, така што имам редовни инспекции од Министерството за здравство и никогаш сум немала проблем со квалитетот на мојата работа. Верувам дека поради тоа организацијата каде што работам сè уште ме толерира и не прават проблем.

Покрај секојдневните професионални обврски, имам и семејство кон кое, исто така, имам обврски како сопруга и мајка. Но мора да признам дека од моето семејство имам огромна поддршка.

Хатка Смаиловиќ/МИА