Македонија
20. July 2015 - 13:26

Фото конкурс за ефектите на климатските промени

Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Француската амбасада во Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање заеднички распишаа фото конкурс на социјалната мрежа Фејсбук со цел да се подигне свеста за ефектите кои ги имаат климатските промени.

#ДелувајСега! е отворен повик за сите македонски граѓани, кои ќе можат да ги искористат своите фотографски вештини за да ги фотографираат ефектите на климатските промени.

Кандидатите ќе имаат можност да учествуваат во десет категории-климатските промени и водата, климатските промени и здравјето, климатските промени и туризмот, климатските промени и транспортот, климатските промени и културното наследство, климатските промени и шумите, климатските промени и земјоделството, климатските промени и природните катастрофи, климатските промени и биодиверзитет и климатските промени и обновливи извори на енергија. 

Заинтересираните можат да фотографираат со било која камера и да ги пратат своите фотографии на фан страната #ДелувајСега на Фејсбук до 15 ноември 2015 година.

Наградите ќе бидат доделени на две најдобри фотографии за секоја од десетте категории. Наградите вклучуваат велосипеди и фото камери.

Победниците ќе бидат селектирани врз база на лајкови на Фејсбук (50 отсто) и врз база на гласови на интернационално жири (50 отсто).