Македонија
29. October 2016 - 13:44

Форумот „Младите во изборниот процес“

 За важноста и одговорноста на младите политичари и подмладоците во изборниот процес, како и за нивната улога во изборите и креирањето на младинските политики во изборните платформи на политичките партии, дебатираа денеска претставници од 16 политички подмладоци во Република Македонија на форумот на тема „Младите во изборниот процес“.

Форумот се одржува во организација на Институтот за економски стратегии и меѓународни односи - Охрид во рамки на програмата „Политички дијалог меѓу младите политичари во Република Македонија“.

Извршниот директор на Институтот, Билјана Јанева рече дека младите политичари досега многу пати покажале дека ја имаат потребната зрелост и капацитет да бидат вистински лидери и предводници на новата генерација политичари кои заеднички ќе работат на подигнување на политичкиот дијалог и развој на демократијата во Република Македонија.

Маринела Маричиќ - Тушева од СДСМ рече дека треба да се зборува за политички дијалог во мирнодопски услови, за да се изградат политичари кои ќе имаат сенс да ги слушнат различностите за да не дојдеме vo состојба во која ќе ни е потребен кризен менаџмент.

Според неа, многу е важно младите политичари да имаат сенс да го сослушаат другиот, да бидат изложени на различни влијанија од она што го имаат во рамки на партиите.

- Секогаш треба да имаме доза на почит кон противникот, кон конкурентот бидејќи во крајна линија сите живееме во една држава, додаде Маричиќ - Тушева.

Нора Алити од ДУИ истакна дека верува оти политиката им припаѓа на младите, но и на постарите генерации поради фактот што, како што рече, нивните искуства и нивната експертиза не треба да исчезнат во ниту еден момент, туку треба да се трансформираат и предадат на новите генерации.

Според неа, со согласување и консензус може работите да одат понатаму. Посочи дека предизвикот е исто така важен да се одржат фер, демократски и кредибилни избори. 

Беким Фазлиу од ДПА рече дека особено е важно младите да бидат активни учесници во политиката, затоа што таа одлучува за иднината на луѓето, за тоа какво образование, економија и стандард ќе имаме.

- Мора младите активно да учествуваат во политиката. Секогаш има потреба од политички дијалог затоа што убавината на демократијата постои во политичкиот дијалог и во почитувањето на тие што се во помал број од мнозинството, додаде Фазлиу.

Борче Стамов од ВМРО-ДПМНЕ рече дека младите ќе имаат една поголема задача на подобрување на општата политичка комуникација која, според него, е на ниско ниво во овие две години на политичка криза. 

- Многу е важно секој во своите политички партии да се бори за поголемо учество на младите политичари во сите структури на партиите, поголемо влијание во процесот на носење одлуки, во изработката на изборните програми, на проектите кои се нудат од страна на политичките партии и поголемо учество во извршувањето на сериозни партиски, но понатаму и на државни и други функции, потенциrа Стамов. 

Бројни се функционерите, нагласи, кои добиле можност или позиција од страна на ВМРО-ДПМНЕ, да се излезе на избори, да се понуди програма и од друга страна да се биде избран функционер.

- Сведоци сме дека во последно време младите добиваат и мошне сериозни државни функции и со својата одговорност и квалитетот на работа се носат на исто ниво како сениорите. Верувам дека и во изборните процеси голем дел од младите ќе бидат вклучени, додаде Стамов.