Македонија
12. November 2019 - 11:31

Форуми за креирање на општинските буџети во Берово и Делчево

Преку учество во програмата „Форуми во заедницата“, општините Берово и Делчево и годинава ќе го слушаат гласот на граѓаните при креирањето на општинските буџети за 2020 година. За таа цел денеска во Берово ќе се одржи првата форумска сесија на која тема ќе биде запознавање на граѓаните со основните начини на креирање на Буџетот.

– Првата форумска сесија ќе се одржи денеска, 12 ноември, со почеток во 13:00 часот, во просториите на Бизнис инкубатор. Жителите на Општина Берово преку оваа програма ќе одлучуваат кои се приоритетите за социоекономски развој на општината и кои активности може да се спроведат за подобрување на состојбата на локалната заедница, преку проекти кои ќе се финансираат од Буџетот за 2020 година, истакнаа од Општина Берово.
 
 „Форум за општински Буџет“ на 15 ноември ќе се одржи и во Делчево. Општина Делчево почитувајќи го гласот и мислењето на граѓаните, очекува на Форумот да присуствуваат и активно да учествуваат претставници на урбаните и месните заедници, претставници од НВО секторот и бизнис заедницата, со цел да се одредат приоритетите за реализација кои треба да се предвидат во општинскиот буџет за наредната година.
 
– Во рамки на процесот е планирана презентација на актуелните и планираните проекти на Општина Делчево, како и презентација на предлог-рамката на Буџетот за 2020 година. Форумот ќе се одржи в петок, 15 ноември, со почеток во 14 часот во просториите на Мултифункционалниот Центар во Делчево. информираа од Општината.
 
До одржувањето на форумот, како што додадоа, потребно е месните и урбаните заедници, организации и здруженија претходно да одржат свои состаноци и да ги издиференцираат најзначајните проблеми и потреби кои треба да се решат во наредната 2020 година.
 
Целта на програмата „Форуми во заедницата“ е граѓаните да го подобрат својот живот, со сопствени идеи и учество во процесот на донесување одлуки на локално ниво, а администрацијата да развие, отчетно локално управување преку учество, одговорност и доверба во заедницата.