Македонија
30. January 2018 - 14:28

Форум во МАНУ: Неопходни се мерки за намалување на загадувањето од сообраќајот

Неопходни се анализи за правилно да се одредат мерките што треба да се преземат за намалување на загадувањето во државата, а преземањето несоодветни мерки само може да предизвика поголема штета.

Ова е главниот заклучок на формуот  на тема „Македонска транспортна револуција“ што денеска се одржа во МАНУ во организација на Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој при Македонската академија на науките и уметностите.

Како што истакна заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули  дури 150 града во Европа имаат големи проблеми со загадувањето, но причините за тоа се различни.

- Ако во Европа главна причини за загадувањето е транспортот и возилата, кај нас е греењето, но сепак не треба да се занемари и сообраќајот. Главен причинител за загадувањето од транспортот во Македонија е стариот возен парк, бидејќи дури 65 отсто од возилата се постари од 2002 година. Во земјава има многу малку хибридни ии електрични возила, а многу загадуваат и градежните машини кои речиси воопшто немаат еколошки стандарди, како и приватните автобуси и такси возила, рече Макрадули.

За да се намали загадувањето, нагласи, треба да се преземат долгорочни непопуларни и строги мерки, а не популистички и да се има интегриран пристап со акција во сите сектори, но првенствено преку замена на затоплувањето и подобри еколошки карактеристики на возилата.

Нарин Сахакјан од УНДП посочи дека за намалување на загадувањето од сообраќајот е неопходно зголемување на ефикасноста на возилата и електрификација на транспортот преку даночни олеснувања и субвенции.

- Загадувањето од транспортот може да се намали за една третина ако забрзано се исфрлат од сообраќај постарите возила со високи јаглеродни емисии и се зголеми бројот на хибридни и електрични возила, рече Сахакјан и додаде дека УНДП ќе продолжи со поддршката што и ја дава на земјава за намалување на емисијата на јаглеродни оксиди во атмосферата.

Студијата за транспорт, анализа на политики и мерки на МАНУ што ја претстави м-р Александар Дединец предвидува до 2035 година за 35 отсто да се намали емисијата на јаглероден диоксид од транспортот.

Според студијата, политиката за увоз на стари возила од 2010 година најмногу придонела за зголемување на загадувањето од транспортот зашто предизвикала за 22,5 отсто зголемување на бројот на возилата. Предлага промена на пресметката за еколошки такси за возилата, намалување на акцизата и на ДДВ за возила, како и изедначување на акцизата за дизелот и бензините и зголемување на еколошката такса за горивата од сегашните 0,08 отсто од продажната цена за литар бензини и 0,03 отсто за литар дизел на 0,3 отсто. Разликите од таксите да се користат за субвенционирање на купување на хибридни и електрични возила.

За м-р Јоже Јовановски од Регионалниот центар за животна средина, дизелот е горивото кое е најголем виновник за лошиот квалитет на воздухот предизвикан од транспортот, а за проф. д-р Милан Ќосевски од Машинскиот факултет во Скопје режимот на движење е клучен за загадувањето.

- Бројните семафори на сообраќајниците само придонесуваат за зголемување на загадувањето, а колку е помоќно и потешко возилото поголема е разликата од пропишаното загадување од производителот и реалното, рече Ќосевски.

М-р Константин Мишев од ФИНКИ посочи дека возилата најмногу трошат и најмногу емитираат јаглероден диоксид при нагли забрзувања и успорувања во сообраќајниот метеж.

- Македонија со емисија на 147 грама на јаглероден диоксид по километар е најлоша во Европа и се наоѓа на последното место заради строста на возиниот парк. Сепак високите вредности на загадувањето не доаѓаат о возилата, а тоа се потврдува и со софтверската алатка што ја изработивме за проценка на загадувањето со јаглероден диоксид предизвикано од сообраќаен метеж, рече Мишев.

Тој покажа споредбени податоци за емисијата на јаглероден диоксид од сообраќајниот режим во Скопје и неколку градови според кои во Скопје во 17 часот се емитуваат 83,5, а во Лондон каде тогаш е 16 часот 266,4, во Амстердам 102, во Токио каде е 3 часот пополноќ 309,2. Пониска вредност има само Луксембур со 71,1. Тоа, според него, покажува дека Скопје има добра патна инфраструктура која овозможува добра протечност на возилата.

Ристо Јаневски од ОКТА посочи дека големо внимание треба да се посвети на тешките товарни возила за превоз на стоки за индустријата и на автоцистерните за превоз на нафта кои многу загадуваат и се со ниски еколошки стандарди и додаде дека треба да се искористат сите алтернативни што се нудат за нивно намалено користење. Како пример ги посочи нафтоводот со кој може да се елиминираат автоцистерните и подобриот железнички транспорт за елиминација на тешките товарни возила. Предложи и да се изедначи цената на екстра лесното масло за домаќинство со дизелот, бидејќи, како што рече, стариот возен парк овозможува маслото за домаќинство да се користи во дизел возилата, а тоа има многу полоши еколошки карактеристики од дизелот.