Бизнис
3. November 2017 - 13:30

Форум на добри компании: Реалните проблеми во општеството најголеми бизнис можности

Бизнисот ќе почне да игра поголема улога во решавањето на социјални проблеми, а реалните проблеми во општеството се најголеми бизнис можности, рече Гиб Булок од Шкотска, основач на „Аccenture Development Partnership“ на денешниот Форум на добри компании во Скопје.

Тој создал социјално претпријатие внатре во големата компанија „Accenture“ каде што работи, а идејата за ова ја добил пред 17 години, кога работел во Македонија на поддршка на мали и средни претпријатија.

- Македонија во голем степен ја смени мојата кариера и мојот живот. Тука открив различна страна од бизнисот, неговиот социјален аспект. Откако поминав една година во Македонија работејќи со мали бизниси, се вратив во компанијата каде што работев и се обидов да создадам непрофитна организација внатре во голема глобална консултантска компанија, „Аccenture“, вели Булок.

Гиб Булок

Тој рече оти формирале група што преку бизнисот и технологијата ќе поддржува непрофитни организации во самите компании во земјите во развој. Тоа, според Булок, значи да се оди подалеку од филантропскиот начин на бизнис, односно сплотување на профитот и целта. 

Вели дека еден од најголемите предизвици со кои се соочуваме се климатските промени и образованието, а локално тука во Македонија, пристап до енергетски извори, загадување, вработување на хендикепирани луѓе, и овие предизвици всушност се бизнис можности. Според него, токму ова, соединувањето на профитот и целта е четвртиот сектор, што не е ниту јавен ниту приватен, или нво, туку нов сектор што треба да биде мотивиран од решавање на проблеми и постоење цел.

Гиб Булок

Холандскиот амбасадор во земјава Ваутер Пломп истакна дека форумот ги собира на едно место добрите компании, кои се позитивен пример за општествена одговорност во Македонија. 

- Како што порачува годинешната тема на форумот - се може да започне од еден човек или организација. Затоа, да бидеме промената што сакаме да ја видиме најпрво во нашите организации, а потоа и во општеството, вели Пломп.

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), партнер на Форумот, ја потенцира важноста на нивната Стратегија за унапредување на родовата еднаквост.

- Целта ни е да придонесеме за економско зајакнување на жените и за нивните еднакви можности преку комбинирани интервенции во област на инвестиции, техничка соработка. Програмата на ЕБОР за поддршка на „Жените во бизнисот“ во Македонија е составен дел од Регионалната програмата за жени во бизнис на Западен Балкан, која се спроведува со финансиски средства од владите на Шведска и Луксембург, вели Маја Антеска, национален менаџер, советување на мали и средни бизниси, при ЕБОР.

Годинашниот форум е насловен „Партнерства за општествен импакт“, а дел од прашањата што ги третира се дали глобалниот контекст го редефинира „доброто лидерство“, овојпат во релација со социоекономските предизвици и заштитата на животната средина и како македонските компании да ја зголемат конкурентноста на глобално ниво.