Македонија
28. November 2018 - 9:45

Форум: Инвестициските политики во фокус на РИРА агендата за Западен Балкан

„Инвестициските политики во фокус на РИРА агендата за Западен Балкан“ е темата на форумот што денеска го организира Центарот за истражување и креирање политики во соработка со Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК).

На засебни панел сесии ќе се дискутира за важноста од трипартитен дијалог меѓу Владата, граѓанското општество и бизнис заедницата, а ќе стане збор и за влезот на инвестициите, важноста од нивна заштита и задржувањето, како и за привлекувањето и промоцијата преку развој на регионална иницијатива за промоција на потенцијалите за инвестирање во земјите од регионот.

На Форумот се најавени обраќа на министерот задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија Зоран Шапуриќ, претседателот на ССК Данела Арсовска, генералниот секретар на Советот за регионална соработка (РСС) и поранешен министер за надворешни работи на СР Југославија Горан Свилановиќ, како и на извршниот директор на Центарот за истражување и креирање политики Марија Ристеска.

Настанот е организиран во рамки на регионалниот проект на РИРА агендата  „Воспоставување дијалог за Регионалната инвестициска агенда меѓу владините институции, приватниот сектор и граѓанските организации“, кој се спроведува во 6-те земји од Западен Балкан. РИРА агендата е заклучок од иницијативата на Берлинскиот процес – дипломатска иницијатива поврзана со идните проширувања на ЕУ.