Свет
21. December 2016 - 10:52

Фортиер: Може да се очекуваат смени на амбасадори по инаугурацијата на Трамп

Џон Фортиер, директор на проектот за развој на демократијата во американскиот Бипартиски Институт, вели дека може да се очекува голем број од американските амбасадори именувани во периодот на претседателот Барак Обама да бидат заменети со доаѓањето на претседателот Доналд Трамп.

Инаугурацијата на Трамп е закажана на 20 јануари и традицијата налага сите американски амбасадори тогаш да ги поднесат своите оставки, а новиот претседател во принцип да ги задржи професионалните кадри, а да ги замени тие што биле именувани како лични пријатели на поранешниот претседател или како резултат на нивните финансиски донации. Сепак, Фортиер вели дека Трамп, кој претставува сериозен дисконтинуитет со претходната администрација, ќе сака да постави свои блиски соработници на голем број позиции.

"Некои амбасадори особено во некои понестабилни држави за кои се потребни поголеми дипломатски врски се типично јавни службеници коишто се постојано вработени, но тие најчесто се менуваат кога ќе се смени администрацијата. Не очекувам дека ќе биде поинаку и сега. Ќе видиме нови амбасадори на многу места. Амбасадорите во Европа се луѓе коишто дојдоа или се поддржувачи на претседателот и на оваа администрација. Вообичаено е дека новиот претседател ќе најде луѓе коишто беа дел од неговиот тим и поддржувачи коишто ќе бидат ставени на дипломатски места во земји со кои имаме попријателски односи. Очекувам дека тоа ќе се случи и сега. Ќе видиме значителни промени на амбасадорите", изјави Фортиер за Македонската Телевизија. Фортиер е повеќегодишен истражувач на Американскиот Ентерпрајз Институт, еден од водечките десничарски аналитички центри во САД за кои се очекува дека ќе играат значителна улога во администрацијата на Трамп, а од 2011 година работи во Бипартискиот Институт, каде се врши обид да се обединат функционери и коментатори од левицата и од десницата.

Фортиер додава дека, според неговата проценка, идната администрација нема да биде многу ангажирана во одржување на мирот на Блискиот Исток или во воени интервенции низ светот. "Тој беше против војната во Ирак и му се спротистави на претседателот Буш. Исто така силно нагласи дека ќе биде силен противник во битката против ИСИС. Како ќе го оствари тоа и како ќе се справи со Блискиот Исток останува да се види. Но, неговите најзначајни ставови се дека американските интереси се најважни и тој силно ќе тежнее да ги оствари, но нема да биде широко присутен во светот на места што не се важни за американските интереси.

Се очекува Трамп да ги подобри односите со Русија и со Израел. Тој ќе очекува од членките на НАТО и на Обединетите нации да преземат дел од обврските, а не да се потпираат само на Америка. „Во врска со Европската унија, Трамп веќе го поддржа излезот на Британија од Унијата и не се очекува да има некаков став околу нејзиното проширување. Во Европската Унија ќе гледа сојузник во врска со безбедносните закани", додава Фортиер во неговата изјава.