Ф1
12. јуни 2020 - 10:29

Формула 1 може да ја напушти традиционалната постапка за старт на трките

 Поради пандемијата на коронавирус, постапката за старт на трките во Формула 1 може да се промени.

Меѓународната автомобилска федерација (ФИА) до тимовите, организатори и медиумите, испратила документ наречен „Враќање во автоспортот“. Документот содржи голем број препораки до членовите на тимот, службениците и претставниците на медиумите во врска со однесувањето на патеката и почитувањето на стандардите за социјална оддалеченост. На пример, ако присуството на тимскиот персонал на почетната мрежа доведува до зголемен ризик од контакти, ФИА предлага да се откаже од традиционалната постапка и да се испратат автомобилите во кругот за загревање директно од боксот.

Покрај тоа, ФИА има развиено таканаречена стратегија за раздвојување на групи, според која тимовите, претставниците на Федерацијата и медиумите за време на „Гран при“ формираат одделни групи, изолирани едни од други.

– Бројот на меѓусебни интеракции треба да се минимизира за да се намали веројатноста за пренесување на вируси помеѓу групите. Во случаи кога е невозможно да се избегне интеракција, треба да се почитуваат нормите на социјална оддалеченост или да се користи лична заштитна опрема, се вели во документот кој го објави „Аутоспорт“.

Исто така, ќе бидат организирани простории за брифинзи со можност за социјална оддалеченост. Ако на одредена патека нема доволно голема просторија, прес-конференциите се препорачуваат преку видео конференција.