Бизнис
26. December 2017 - 20:15

Форбс: Македонија на 63 место по условите за водење бизнис, лани бевме на 35 позиција

Се влошуваат условите за водење на бизнис во Македонија. Пад од 28 места на листата на ФОРБС. Ако лани земјава  беше рангирана на 35 место годинава се најде на 63 позиција од вкупно 153 држави.  Влошување на состојбата има во сите категории- монетарна слобода, права на сопственост, заштита на инвеститори, лична слобода, даночно оптоварување, корупција.

За влошување на бизнис климата говорат и податоците за странските дирекни инвестиции. За девет месеци во државава  вложен е над 50 милиони евра  странски капитал , 140 милиони евра помалку од лани , што е пад за  70 отсто.

И домашните бизнисмени неколку пати апелираа на лошата бизнис клима која владее во државава. Политичките случувања го отежнаа работењето на стопанствениците. Бизнисот се воздржа  од нови вложувања и инвестиции.

И од Владата велат дека ваквата сосотјба е резултат на политчката криза во која  беше западната земјава. Од таму уверуваат дека новите економски мерки ќе ја подобрат сосотјбата.

Политичката криза која траеше долг временски период се рефлектираше врз економските перформанси. Во повеќе наврати истакнавме дека за да една економија биде прогресивна, освен економски мерки, потребна е стабилност на државата и владеење на правото. Паралелно работевме на креирање на мерки со кои ќе се овозможи подобра бизнис средина и поинтензивен економски раст., се вели во дописот од Владата.

Во  регионот Македонија е пред Црна Гора,  Србија, Албанија и БИХ. На овие простори  најдобра земја за водење на  бизнис е Словенија која на листата  се најде на 32 место, па Хрватска  на 51 позиција.

Според американскиот магазин во првата петорка како најдобри земји за водење на бизнси во светото се,  на прво место Велика Британија, потоа Нов Зеланд, Холандија, Шведска и Канада. 

На дното на листата се на 150 место е Авганистан, Хаити на 151 то,Гамбиа на 152 и последни е Чад на 153 место.