Македонија
27. October 2015 - 15:21

Фондот за развој на Абу Даби ќе разгледува проекти за соработка со Македонија

Република Македонија и Обединетите Арапски Емирати паралелено со политичките односи треба да работат на интензивирање на економските односи. И двете страни се посветени на градење дијалог помеѓу двете земји кој ќе води кон унапредување на заемните односи.

Ова, како што соопштува владината прес-служба, е истакнато на средбата на премиерот Никола Груевски со министерот за меѓународна соработка и развој на ОАЕ, шеиката Лубна Бинт Калид Ал Касими, која се одржа во Емиратот Абу Даби, а во рамки на посетата на Обединетите Арапски Емирати.

- Имавме  извонредна можност да се сретнеме со првиот  човек на Министерството за  меѓународна соработка и развој и да разговараме за соработката помеѓу Македонија и Обединетите Арапски  Емирати и за можностите во иднина. Ја претставив  Република Македонија и она што ние го правиме  на план на економија, земјоделство, образование, здравство итн. Прикажав што се случува кај нас со бегалската криза  така што беше интересно да се пренесат сите  тие информации, изјави премиерот Груевски.

Тој додаде дека од македонска страна е изразен интерес за можностите за соработка што ги има Фондот за развој, институција  која што помага во многу страни во светот,  во различни проекти поврзани со инфраструктура, поврзани со  различни работи што се потреба на државите. 

- Имаме многу блиски односи со Република Македонија и веруваме дека можеме да ги надградиме. Подготвени сме да вложиме многу повеќе во овие односи, особено сега кога имаме воспоставено политички, економски и општествени односи. Фактот дека Владата е присутна овде е одраз на пријателските односи помеѓу двете земји, истакна Ал Касими, која појасни дека води ново Министерство кое работи на полето на меѓународен развој особено со земји кои претставуваат приоритет за нив.

Таа додаде дека станало збор за неколку аспекти поврзани со соработката и развојот и верува дека оваа посета ќе придонесе кон подигање на односите на соработка на едно повисоко ниво.  

На средбата стана збор за опциите за соработка на конкретни инфраструктурни проекти, во делот на можностите за заедничка соработка во изградба на комунална и образовна инфраструктура, како и можностите за соработка во областа на туризмот и земјоделството. За оваа цел договорено е нашите институции да преземат чекори за воспоставување комуникација и односи со Фондот за развој на Емиратот Абу Даби, со кој што субјект би се разгледувале проекти од наведените области и би се детализирале можностите за соработка.

Соговорниците разговараа за предизвиците произлезени од мигрантската криза и за можностите за нивно менаџирање и надминување, при што беше истакнат заедничкиот став дека најдобар начин за надминување на тие предизвици е координирано и заедничко дејствување на меѓународната заедница.

Двете страни разговараа и за други теми од билатерален и мултилатерален карактер.

Министерството за меѓународна соработка и развој на ОАЕ е координатор на развојните проекти кои се поддржуваат со финансиските средства од страна на ОАЕ, во вредност од повеќе милијарди американски долари на годишно ниво.