Македонија
14. October 2019 - 16:46

Фондот за пензиско и инвалидско осигурување не одговара на претставките

Веќе три недели семејството на Бане Најдовски од Ајватовци чека одговор на претставката доставена лично до министерката за труд и социјална политика, откако неколкупати го одбиваат за инвалидска пензија и покрај неговата тешка здравствена состојба.

Бидејќи Бане кој има деменција, дијабет, носи пелени за возрасни и користи туѓа нега, лекарите од комисијата  го прогласуваат за работоспособен, неговите блиски помош побараа од Царовска. Одговор од министерката чека и 52 годишниот Ацо Јовановски од Скопје кој живее со тешки последици од мозочен удар што го преживеал пред 6 години. 

-Да стигнаа во Министерството за труд и социјална политика, комисија е на терен, тоа е административна работа, кога ќе ја завршат ќе ве известиме без никаков проблем, вели Мила Царовска, министер за труд и социјална политика.

И додека од труд и социјала работат на претставките, молк од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување под чии ингеренции се комисите за инвалидски комисии. Иако изминатиот месец поставивме неколку прашања до ПИОМ, не добивме одговор колкав е буџетот за инвалидски пензии и дали има намалување на парите за оваа ставка и дали има доволен број на лекари во комисиите.

И додека надлежните молчат, лекари специјалисти од скопските клиники се изјаснија дека пациенти со деменција и со тешки последици по прележан мозочен удар не можат да бидат способни за работа.

Сител ги пренесе приказните на Бане Најдовски, Ацо Јовановски и Љубомир Стефановски кои воделе битка со комисиите за утврдување на работоспособност. Сите тројца користат туѓа нега што покажува дека не се способни да се грижат сами за себе, но никако да добијат инвалидска пензија.